Приведен Сокол Митревски

1 November, 2017 - 16:39

Пензионираниот генерал и доскорешен градоначалник Сокол Митревски е приведен. Заедно со него приведени се уште 8-мина поради сомнеж за злоупотреба при продажба на земјиште. Од полицијата велат дека постапиле по наредба на обвинителството кое ја води истрагата.

Од обвинителството не прецизираат конкретно какви мерки се преземени и дали ќе се бараат и други судски наредби. Истрагата е против луѓе за кои сметаат дека овозможиле незаконско приватизирање на општинско земјиште.

На приватизацијата претходела постапка за утврдување на статусот на незаконито изградени три објекти, која била реализирана спротивно на закон. Како резултат на оваа постапка извршена е легализација на објектите и приватизација на земјиштето. Со тоа е овозможено земјиштето да биде откупено по цена од 1 евро/м2, додека пазарната цена на лицитација по редовна постапка би била значително повисока, соопштија од ЈОРМ.

Кабинетот на градоначалникот се наоѓа на вториот кат во општинската зграда во Ѓорче, десетина дена таму е новиот градоначалник Александар Наумовски, но од неговиот кабинет не соопштуваат информации за истрагата на обвинителството. Утрово имало полиција, но документацијата за случајот се проверувала и претходно, ни рекоа дел од вработените. Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека апсењето на Митревски е дефокусирање на јавноста од лошите владини економски политики.

Во куќата на Митревски е извршен претрес, а утрово кога е приведен имало полиција и таму во населбата Дамјан Груев, позната и како населба Геге. Митревски е префрлен во станицата Кисела Вода, а останатите приведени според информациите на Телма се однесени во повеќе полициски станици. Обвинителството засега не се изјаснува дали ќе побара други дополнителни мерки за соомничените. Приведени се и вработени во општина, но и учесници во зделката која ја истражува обвинителството. Сокол Митревски е пензиониран генерал, кој во 2001-ва беше командант на одбрната на град Скопје, а по војничкото пензионирање замина во политиката и од 2005-та во три мандати беше градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ на општина Ѓорче Петров. На последните избори не се кандидираше.

Миомир Серафиновиќ

Веста е прочитана 3579 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.