Приведен Сокол Митревски со уште 8 други лица- ОЈО ги сомничи за злоупотреби со продажба на општинско земјиште

1 November, 2017 - 14:16

Вкупно 9 лица меѓу кои и поранешниот градоначалник на Ѓорче Петров Сокол Митровски се приведени во рамки на истрага на скопското обвинителство. Извршени се и повеќе претреси во приватни домови.

Обвинителството соопшти дека истрагата е за продажба на општинско земјиште.

-Поради постоење на основи на сомнение, Основното јавно обвинителство Скопје презема дејствија против повеќе инволвирани лица кои овозможиле незаконско приватизирање на земјиште во сопственост на една општина.

На приватизацијата претходела постапка за утврдување на статусот на незаконито изградени три објекти, која била реализирана спротивно на закон. Како резултат на оваа постапка извршена е легализација на објектите и приватизација на земјиштето.

Со тоа е овозможено земјиштето да биде откупено по цена од 1 евро/м2, додека пазарната цена на лицитација по редовна постапка би била значително повисока. За повеќе детали во врска со текот на постапката, Основното јавно обвинителство Скопје навремено ќе ја информира јавноста, соопштија од обвинителството. 

Веста е прочитана 5040 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.