Протест на средношколци од Охрид

20 March, 2017 - 15:57

Стотина средношколци од Охрид, во најголем дел од техничкото училиште ЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ и  угостителско училиште „Ванчо Питошески“, денеска ja напуштија наставата и излегоа на протест за, како што рекоа, зачувување на унитарноста на државата.

Тие најпрвин се упатија кон гимназијата „Св. Климент Охридски“ и средното економско училиште „Св. Кирил и Методиј“ и ги повикаа врсниците да им се приклучат на протестот, но не наидоа на голем прием кај нив. На повикот се одзвале само неколкумина ученици од овие училишта, а во средното економско можеше да се забележи присуство на полиција.

Учесниците на средношколскиот протест кои тврдат дека самостојно се организирале, со знамиња и скандирања се упатија кон градскиот плоштад, каде ги истакнаа своите барања.

Од ЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ од каде имаше најмногу учесници на протестот, велат дека знаат кој ги организирал учениците. Посочуваат дека во најголем дел се работи за матуранти кои имаат право јавно да ги искажат своите размислувања, но останува отворено прашањето кој им дозволил да го напуштат наставниот процес.

Протестот на дел од охридските средношколци предизвика реакции од родители кои бараат надлежниот инспекторат да реагира, а училиштата да не дозволат политиката да навлезе во образовниот процес.

Средношколците, пак, кои денеска излегоа на улица, најавија дека протестите ќе продолжат во среда.

Горан Момироски

Веста е прочитана 3118 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.