Протест против пресудата за „Диво Насеље“

5 November, 2017 - 19:25

Скандирајќи го името на Ослободителната народна армија од вооружениот конфликт во 2001 година демонстрантите на плоштадот Скендер Бег побараа да се намалат казните на осудените во случајот Диво Насеље. Сметаат дека се неправедно осудени на огромни казни и очекуваат меѓународна истрага за тоа како судот го водел процесот.  Организаторите од Здружението на воени ветерани на ОНА бараат меѓународната заедница да се вклучи во преиспитување на пресудите.

- Над 700-те години затвор и 8-те доживотни затвори, ја покажуваат вистинската слика за македонското судство. Затворските казни кои се однесуваат на доживотен затвор и казни со по 40 години лишување од слобода, се еднакви на смртните казни според кривичниот законик на комунистичка Југославија, а продолжува да ја следи “демократска“ Македонија. Ние денеска му велиме стоп на прогонството на Албанците, стоп за драгонските казни за Албанците кои сакаат слобода, стоп за насилството. Стоп за узурпирањето на националните вредности и за селективната правда. Стоп за убиствата и монтираните сценарија со децении наназад, вели Даим Хисени – Здружение на воени ветерани на ОНА

На протестот учествуваа и роднини на осудените. Сметаат дека нивните блиски се жртва на самоволието на судот кој ги изрече казните и кој според нив има двојни аршини.  Побараа во меѓународната истрага да бидат вклучени ОБСЕ обезбедувајќи ги истражителите, обвинителите и судиите од ЕУ и САД. Очекуваат поддршка од повеќе европски земји и од Европската унија кои ќе обезбедат експерти за безбедност истражители и дополнителен персонал за сослушување на осудените. Побараа од новата власт да не биде иста како претходната оти во неа гледаат вина за она што им се случи на нивините блиски.

- Криминалните дејствија на македонските власти јасно се видоа на 9 и 10 мај кога им поставија замка не само на нашите синови, туку и на припадниците на полициските сили, велејќи им дека ќе спроведат полициска акција за апсење на 5 или 6 организирани криминалци. Сите наредби и документација од истражните органи на Македонија за досието “Куманово 2015“ се потпишани од македонски управи кои сега се следат како опасни криминалци од самата актуелна власт во Македонија. Некои од нив кои што се притворени во Грција, се гонат со меѓународна потерница, и се очекува нивно екстрадирање, рече Дешурие Шефа, роднина на еден од осудените. 

Откако ги исчитаа пораките, учесниците на протестот со марш се упатија пред кривичниот суд, каде ги дочека кордон од полиција. Пред судот ги исчитаа имињата на сите убиени повторно извикувајќи пароли за ослободување и намалување на казните. Во процесот диво насење 8 мина добија доживотни казни затвор и 13 по 40 години за тероризам, додека 4 пресуди се ослободителни. Демонстѕрантите најавија дека ќе протестираат се додека не се исполнат нивните барања.

 

Билјана Николовска

Веста е прочитана 849 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.