Првата Coca-Cola активна зона отворена во општина Гази Баба

21 June, 2016 - 14:58

Во организација на компанијата Coca-Cola и Пивара Скопје АД  денеска е отворена првата Coca-Cola активна зона во Македонија. Лоцирана е до спортската сала „Автокоманда“, во општина Гази Баба и со неа се обезбедуваат рекреативно-спортски зони на отворено, опремени со најсовремена фитнес опрема, наменети за употреба на сите граѓани.

Основната цел на проектот е создавање здрави животни навики кај граѓаните преку практикување спортски и рекреативни активности. Проектот е дел од глобалната платформа за промоција на здрав и активен живот на Coca-Cola. 

- Ова е проект кој го работиме со поддршка од пет општини, кој на крајот ќе резултира со целосно опремени пет активни зони. Активните зони ќе прераснат во традиција и во наредниве неколку години ќе ги има низ целата држава, изјави Јован Радосављевиќ, генерален директор на Пивара Скопје. 

Активните зони се состојат од пет професионални фитнес справи и голови за мал фудбал, поставени на соодветни локации на отворено. Покрај општина Гази Баба, планирано е во текот на летово да се постават активни зони и во Струмица, Прилеп, Тетово и Охрид.

- Соработката на нашата општина со Пивара Скопје и Coca-Cola компанијата е долгогодишна. Проектот за сите нас е од големо значење бидејќи е наменет и достапен за сите граѓани и затоа што промовира активен живот, изјави градоначалникот на општина Гази Баба Тони Трајковски. 

Активните зони ќе бидат отворени 24 часа и достапни за користење од страна на сите категории граѓани кои имаат желба за рекреација и спортување, без никаков надомест. 

Веста е прочитана 378 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.