„Прво па женско“ по петти пат

20 May, 2017 - 16:40

Жените во Македонија се обесправени. Борбата со стереотипите и родовата рамноправност и понатаму продолжува, велат организаторите на фестивалот  „Прво па женско“. Во нашето секојдневие среќаваме секаков вид стереотипи, кои се резултат на вкоренети табуа.

- Од тоа зошто не си мајка, а имаш триесет години, до тоа зошто не си мажена веќе, а си завршила факултет, до тоа дека не можеш да се вработиш не поради тоа што не си доволно образована и квалификувана , туку поради тоа што твојот работодавач земајќи ја предвид твојата возраст очекува дека можеби ќе основаш семејство и во еден момент ќе треба да ти плаќа здраствено осигурување, а нема да му бидеш од полза, вели Кристина Леловац. 

Главната причина за ваквите состојби во најголем дел треба да ја лоцираме во образовниот систем. За жал уште во првите песнички со кои децата ги учиме во градинка дури и пред училиштата веќе имаме стереотипи, вели професорката Мартиноска.

 - Секогаш се смеам за оние песнички “Тато на работа оди секое утро со песна, нему секоја работа му е пердув лесна. Мама готви, чисти садови мие прва наутро станува последна навечер спие“, нели нешто во тој принцип. Значи во тој случај се родови стереотипи. Значи на деца кои одат во градинка, чии мајки се вработени вие ги учите дека местото на жената е во кујната и да бидат жртва за семејството, вели д-р Ана Мартиноска, од Институтот за македонска литература. 

- Особено ако ги земете предвид примерите од учебниците кои се издаваат во последните години, на кој начин таму се опишува од тоа што се случува со женското и машкото тело во пубертетот до тоа како треба да биде уредено семејството, тоа е во основното образование, да не зборуваме дека пред две години ги укинаа Родовите студии на Филозофскиот факултет и воведоа Семејни студии, вели Леловац. 

Во рамките на петтото јубилејно издание на фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“  се опфатени филмски проекции, изложби, театарска претстава и други музички содржни. 

 

 

Нина Стефанова

Веста е прочитана 2119 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.