Прво утврдување на одговорност за Чавков па повик на распит во обвинителство

17 July, 2017 - 16:03

Бил во центарот на Скопје, во непосредна близина на Собранието, но ретко се јавувал на мобилниот телефон, ова е откритието на истрагата за 27-ми април за поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков. Како што Телма објави вчера неговата локација е откриена преку 3 базни станици на кои се закачувал неговиот мобилен телефон, ВМРО, Алмако и италијанска амбасада. Под тие имиња се водат базни станици на телекомуникацискиот оператор, а на нив се појавувал телефонот на Чавков во моментите на упадот во Собранието и додека внатре беа напаѓани пратеници, новинари и вработени во парламентот.

Телефонот на Чавков се појавувал најмногу на станицата ВМРО, па потоа на станицата Алмако, а неколкупати се префрлил и на базната станица на италијанската амбасада. Сите три станици се наоѓаат во центарот на Скопје, и се крстени според објектот на кој се поставени или според  најблискиот објект.

Во време на протестите мобилниот телефонски сообраќај бил презафатен, па мобилните телефони се префрлале од една на друга базна станица. Мобилниот телефон по бројот на Чавков бил лоциран, но преку него немало многу телефонски повици, тврдат извори од истрагата за Телма. Во триаголникот кој го покриваат трите базни станици во центарот на главниот град се наоѓаат и полициската станица Беко, и партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ, неколку министерства и државни органи, една амбасада и повеќе хотели. Досега не е потврдено дали Чавков бил во некој од овие објекти или се движел додека насилствата траеле во Собранието.

На бројот на телефонот по кој е лоциран Чавков и денеска никој не се јавуваше за коментар во врска со последните откритија на истрагата. Тогашниот директор на Бирото за јавна безбедност никогаш јавно не соопшти каде бил додека траеше насилството во Собранието и зошто два часа не му се јавувал на министерот Нухиу. За насилствата на 27-ми април, Чавков досега нема дадено никаде изјава, а првичните информации се дека прво ќе се утврдува одговорноста, а потоа Чавков ќе добие својство во постапката и ќе биде повикан.

Денеска од обвинителството за гонење организиран криминал и корупција кое го презеде случајот останаа на нивото дека се работи на 27-ми април, но не може да се откриваат детали.

„Тимот на јавните обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција активно работи на предметот за кој покажувате интерес. Согласно подготвениот распоред се повикуваат сведоци и лица кои учествувале во настанот. Со оглед на тајноста на предистражната постапка не можеме да споделиме детали кои би влијаеле на текот на постапката.​“

На истрагата работат 4 обвинители и истражен тим од 8 полициски инспектори, тим кој е формиран со одлука на обвинителството. Но досега се сослушани само вработени во полицијата, началници, команданти и раководители. Иако на собраниските безбедносни камери се фатени како ја отвораат вратата и ја пуштаат толпата со што ги отпочнуваат нередите кои ќе завршат со напади врз новинари, пратеници и вработени во Собранието и над 100 повредени, исказ не дале ниту пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски. Времето до распит, Крсто Мукоски го прекратуваше и денеска со реплики и дискусија за ребалансот на буџетот.

Миомир Серафиновиќ 

Веста е прочитана 3952 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.