Пуџдемон би можел да побара политички азил во Белгија

29 October, 2017 - 15:59

Додека една врата се затвора, друга се отвара за Пуџдемон. Две дена по прогласената независност и изгубената автономија, Пуџдемон кој ризикува до 30 години затвор за поттикнување бунт, би можел да побара политички азил во Белгија.

„Се уште нема официјално барање, но работите брзо се менуваат, ќе видиме“, изјави белгискиот министер за азил и миграција Тео Франкен.

„Кога добро ќе ја погледнеме ситуацијата, репресијата од Мадрид и казните кои се ризикуваат, легитимно е прашањето дали може да постои чесен и правичен процес“ објаснува Франкен. Додавајќи дека евентуалниот политички азил за Пучдемон би го ставил Брисел во деликатна дипломатска позиција со Мадрид.

Во меѓувреме, овој пат преку претседателот на Европскиот Парламент, Антонио Тајани, ЕУ уште една ја истакна својата тврда позиција околу независноста на Каталонија.

„Европа има многу јасна позиција, поинаков соговорник од Кралството Шпанија не постои. Никој, никогаш нема да ја признае Каталонија како независна држава, референдумот беше нелегален, како и одлуката на парламентот. Владеењето на правото мора да се воспостави. Повикот за нови избори ми делува како мудар чекор“.

После дводневните прослави на сецесионистите, од рано изутрина во Барселона се собираат поддржувачите на Унијата. Мотото на маршот кој ќе се одржи по главните улици на Барселона е: „Сите сме Каталонија, Да живее Шпанија“!

„Не, не, нема да се случи независноста. Нема да дозволиме да се случи, само затоа што еден човек полудел“.

„Какви се вашите чувства и емоции овие денови“?

„Многу болка, многу болка, многу е емотивно и многу болка“.

„Мора да ги одбраниме Каталонија и Шпанија, затоа што сум вложила работа, сум ги платила даноците и сиот мој труд, сум ги внела сите мои емоции и труд од 45 години во ова место, и сум многу горда што го имам ова знаме на мојот грб“.

Според најновата анкета централно-десничарскиот весник „Ел Мундо“, сепаратистите би го изгубиле мнозинството во каталонскиот Парламентот доколку денес би се гласало.

Според анкетата спроведена токму во деновите кога Рахој ја презеде контролата над Каталонија, сецесионистите би освоиле околу 42,5 проценти од гласовите, или помеѓу 61-65 мандати, додека за мнозинство во Парламентот се потребни 68 пратеници. Унионистите би добиле 43,5 проценти.

Разликата многу ќе зависи од изборната кампања. На последните избори во 2015 година, сепаратистите добија 47,7 проценти од гласовите, освојувајќи 72 пратенички места.

Сценарио кое набрзо би требало да се разјасни, со локалните избори закажани од страна на премиерот Рахој, за 21 декември.

Ивор Мицковски

Веста е прочитана 1417 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.