Пуџдемон и се предаде на белгиската полиција

5 November, 2017 - 19:19

Разрешениот каталонски премиер Карлес Пуџдемон утринава и се предал на белгиската полиција. Заедно со Пуџдемон се предале и неговите соработници и поранешни министри во каталонската влада. Петмината се одведени во белгиското обвинителство, каде им е соопштено дека по нив е издадена меѓународна потерница за апсење. 

„Истражниот судија може да одлучи соодветно: одбивање да го изврши европското апсење, апсење на вклучените лица, ослободување на нив под услов или со кауција“, соопшти Жил Дежемепе, портпарол на државниот обвинител во Брисел

Оваа одлука истражниот судија треба да ја донесе најдоцна во рок од 24 часа по нивното приведување, односно до утре изутрина. Ако им биде одреден притвор ќе бидат одведени во истражен затвор, каде најдолго можат да бидат задржани 60 дена – време за кое белгискиот суд треба да процени дали да ја изврши наредбата издадена од Шпанија тие да бидат уапсени и екстрадирани. Одлуката на судот може може да биде обжалена, пред да се спроведе, но ако не ја обжалат одлуката Пуџдемон и неговите соработници можат да бидат предадени на шпанските власти многу порано.

Во меѓувреме, назад во Шпанија продолжуваат протестите против приведувањето на Пуџдемон. Демонстрантите бараат слобода за него и за осуммината политичари кои се приведени од шпанскиот суд. Со постери од нивните ликови – извикуваат дека се политички затвореници.

„Луѓето се собрани тука зашто сакаме да испратиме порака до Европа, дека иако нашиот претседател е во Брисел и целата наша влада е затворена во Мадрид, движењето за независност се уште не е завршено, и народот бара да ја добие независноста на демократски и мирен начин“, велат демонстрантите. 

Се огласи и каталонската европско-демократска партија, чиј лидер е Пуџдемон. Останаа на ставот тој да биде нивниот лидер и да ги предводи на предверемените парламентарни избори закажани за 21 декември.

 

Алиса Шутиноска

Веста е прочитана 528 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.