Пуџдемон ќе ги признае резултатите од изборите, но бара гаранции за да се врати

31 October, 2017 - 16:17

Не дојдов во Брисел за да барам политички азил, тврди отпуштениот каталонски претседател Карлес Пуџдемон, дојдов затоа што тука можам слободно и безбедно да работам.

„Дел од владата и јас како легитимен претседател дојдовме во Брисел за да го претставиме каталонскиот проблем во институционалното срце на Европа и да ја осудиме политизацијата на шпанската правда“, тврди Пуџдемон.

Шпанската влада ја распушти каталонската самоуправа и распиша предвремени избори во регионот на 21 декември, а како одговор каталонското претседателство прогласи независност. Околу 150 министри и советници во регионалната самоуправа вчера беа испратени дома од страна на шпанската полиција. Пуџдемон од Брисел ги праша шпанските власти дали ќе ги почитуваат резултатите, доколку на изборите повторно мнозинство освојат партиите кои се залагаат за независност.

„Изборите на 21 декември се предизвик кој со сите сили ќе го прифатиме. Денеска на сите им поставувам прашање. Ние ќе ги почитуваме резултатите од изборите на 21 декември, како што секогаш сме правеле, без разлика на резултатите“, вели тој.

Пуџдемон негира дека избегал во Белгија а за обвиненијата, кои вчера ги покрена Јавниот обвинител, според кои му се заканува 30 годишен затвор, рече дека само ја докажуваат агресивноста на централните власти. Додаде дека ќе се врати во Каталонија кога ќе добие гаранции од шпанската влада дека нема да биде кривично гонет.

„Под кои услови би се вратил во Каталонија? Бараме гаранции кои во моментов не постојат во Каталонија и Шпанија. Посочивте на документот на јавниот обвинител а јас ви посочувам на употребениот јазик во него. Колку повисоко леташ, толку посилно паѓаш, што значи нема желба за правда, само желба за одмазда“, тврди Пуџдемон.

Шпанскиот влада вчера потврди дека Пуџдемон може да учествува на изборите, доколку во меѓувреме не биде уапсен за поттикнување бунт и проневера на државните фондови.

Игор Трајков

Веста е прочитана 2152 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.