Пуџдемон не распишува предвремени избори - Мадрид бара активирање на членот 155

26 October, 2017 - 18:36

Тензија во Шпанија, тотален хаос во каталонските институции. После серија на повлечи-потегни потези, најавени, па откажани прес конференции на Пуџдемон, протести на улиците на Барселона со барање за прогласување независност, шефот на каталонската влада конечно излезе со став.

Пуџдемон нема на распише предвремени избори, нешто што важеше како предуслов за шпанскиот сенат денес да не гласа за предлогот на премиерот Маријано Рахој за ограничување на самоуправата на Каталонија или самиот Рахој да го повлече барањето по т.н. член 155 од Уставот.

Во кратката изјава пред медиумите Пуџдемон ќе соопшти дека ограничувањето на каталонската автономија и самоуправување е злоупотреба и неправда од страна на Мадрид, и дека не ги прифаќа мерките преземени од шпанската влада.

„Ќе распишев предвремени извори доколку добиев гаранции за враќање на нормалноста, но такви гаранции од Мадрид не добив, кои би го оправдале барањето за предвремени избори во парламентот“.

Како резултат на тоа потпретседателката на шпанската Влада, Сораја Саенц де Сантамариа го пренесе до шпанскиот Сенат дека Владата бара активирање на членот 155 со цел „враќање на каталонското самоуправување во рамките на Уставот“.

Пуџдемон во својата изјава додаде бил стрплив, дека чекал, и дека бил во потрага по дијалог.

„Како претседател на Владата моја одговорност беше да ги пробам сите опции, буквално сите опции за да пронајдеме решение преку дијалог и договор, за еден конфликт кој е политички, а по природа е демократски“.

Пуџдемон го обвини Мадрид за осветљубиво однесување. Сега останува на каталонскиот Парламент да одлучи дали ќе прогласи независност откако Пуџдемон потврди дека не распишува избори со цел да го избегне ограничување на самоуправата на Каталонија. „Во овој момент, ништо не го оправдува одржувањето на регионални избори“, ќе заклучи Пуџдемон.

За да добиеме слика за степенот на тензија помеѓу Мадрид и Барселона, говори и денешниот судир меѓу двете полиции, националната и локалната.

Националните полицајци утрово ги блокираа комбињата на локалната полиција Мосос Десквадра, во обид да влезат во просторот на инценераторот во Барселона со цел да уништат голем квантитет на докуменети.  Според шпанската полиција станува збор за уништување на документи кои содржат чувствителни информации кои се однесуваат на референдумот од 1 октомври.

Хаосот и тензиите во Шпанија и Каталонија не спласнуваат, сега на потег е шпанскиот Сенат и гласањето околу членот 155. 

Ивор Мицковски

Веста е прочитана 1213 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.