Рано е да се мисли на подоцнежно пензионирање

24 November, 2017 - 18:48

На Пензискиот систем му се потребни брзи реформи, согласна е експертската јавност особено затоа што дефицитот во ПИОМ се искачи на 4,4 % од БДП. Но, сепак според инситутот Фајненс Тинк препораката што ја даде ММФ за зголемување на старосната граница за пензионирање е преуранета особено кога не постои длабинска анализа кои би биле ефектите од тоа.

„Треба различни решенија во која насока да се реформира ПИОМ, може да биде со зголемување на границата за пензионирање, на придонесите или со комбинација па товарот да падне на двете групи“, кажа Благица Петрески Finance think TEL.

ММФ ја повтори потребата да се заузда пензискиот дефицит. Дарежливиот пензиски ситем ги намали ризиците од сиромаштија меѓу пензионерите во споредба со другите земји но тоа вели ММФ го зголеми дефицитот. За да се обезбеди одржливост препорачува зголемување на старосната граница за пензионирање, затегање на опциите за предвремено пензионирање и воздржување од ад хок покажувања на пензиите. Владата е децидна дека зголемувањето на старосната граница за пензионирање, е последна мерка што би ја презела државата за да го намали минусот во ПИОМ, но се разгледуваат други опции кои ќе се обелоденат догодина. Реформите кои се најавуваат во пензискиот систем внесоа немир кај потенцијалните пензионери, но и кај работодавачите кои стравуваат од зголемување на стапките на придонеси.

„Со транспарентна анализа и можни сценарија ќе се добијат информации за сите да се преструктуираат во системот, бизнисмените за трошоците,а граѓаните да знаат што ги очекува“, кажа Марјан Николов ЦЕА.

Наспроти уверувањата на дел од економистите дека состојбите ќе се подобрат доколку се зголемат платите и стапката на економски раст, но и со заживување на вториот пензиски столб податоците на МАПАС покажуваат дека намалување на притисокот врз ПИОМ не може да се случи во следниве 10-на години. До 31 октомрви во задолжителните фондови членуваат 452 436 лица со просечна возраст од 35 години , а собраните средства се во висина од околу 910 мил евра.

Виолета З Стојановска

Веста е прочитана 1762 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.