Раздвижена динамиката на средби околу ЕУ, НАТО, и спорот за името

14 November, 2017 - 16:48

Од македонската влада се надеваат дека наскоро ќе биде тргната условената препорака за членство во ЕУ. Вицепремиерот и министерот за надворешни работи два дена се во Брисел, на средба со еврокомесарот Јоханес Хан и заменик-претседателот на Европската Комисија, Федерика Могерини, од каде јавуваат дека добиле охрабрувачки пораки. Но, услов сепак остануваат реформите и подобрувањето на односите со соседите. Ако тоа се исполни, добри вести може да се очекуваат веќе  наредната пролет. Од нашата влада, пак, очекуваат конкретни чекори од ЕУ.

Османи нагласил дека процесот на проширување не може да се одржи кредибилен ако Комисијата не ја вметне и Македонија во својата стратегија за проширување до 2025 година. Истиот став на средбите го повторил и министерот Димитров, кој се сретна и со својот грчки колега, Никос Коѕијас,  со кого разговарале за надминување на различните ставови околу името.

Еврокомесарот Јоханес Хан, состанокот во Брисел со Османи и Димитров го оцени како одличен. На твитер најави дека идната недела доаѓа во Скопје.

Надеж дека ќе се затвори дводеценискиот проблем, синоќа изрази и премиерот Заев за време на посетата на Словенија, најавувајќи дека првата средба преговарачите и Нимиц ќе ја имаат следната недела, на 20 или 21 ноември.

За два дена во Скопје доаѓа и градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, кој ќе се сретне со целиот државен врв и со градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов. Целата оваа атмосфера на добрососедство и соработка е насочена кон главната цел за која се бара излез: спорот за името. Познавачите на состојбите очекуваат позитивен извештај од ЕУ, но за потези од типот на препорака за почеток на преговорите ќе биде потешко, се` додека не се направат конкретни чекори, како промена на името на аеродромот или ревизија на учебниците. Патот, велат, првин води кон НАТО.

НАТО е логична дестинација пред ЕУ и, според Ружин,  многу е извесно дека таму ќе бидеме примени и под привремената референца БЈРМ, со тоа што би се направил договор, додека да заврши осум-месечната процедура за влез во НАТО, да се реши и спорот за името. Овде се поставува и прашањето за референдумот, за кој вели, дека и не мора да се одржи. Доколку грчката страна одлуката ја донесе во Парламентот, тоа, потенцира, може да се направи и во Македонија.

Далиборка Демјанска

Веста е прочитана 977 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.