Реакција на Стопанска Банка -Битола

20 September, 2017 - 17:05

Стопанска Банка- Битола реагира на вчерашното обраќање на претседателот на УО на АД Макпетрол, Андреа Јосифовски во врска со обидот за нелегално преземање на компанијата од страна на офшор фирма.Иако банката во ниту еден момент не беше обвинета дека работи нелегално, нејасна и безмалку беспредметна е реакцијата во која се вели дека банката работи законски , како со фирмата Балкан Петролеум така и со АД Макпетрол.

Стопанска банка АД Битола има преку 1.000 акционери, физички и правни лица.Најодговорно тврдиме дека ниеден од нив нема никаква поврзаност со клиентот Балкан Петролеум Груп и најенергично ги демантираме ваквите поврзувања на Банката и на нејзините акционери со овој клиент. Исто така, би сакале да истакнеме дека деловниот однос со клиентот Балкан Петролеум Груп е воспостваен согласно позитивните законски прописи во Македонија и согласно процедурите за работа на Банката, односно на ист начин на кој што Стопанска банка АД Битола го воспоставила својот деловен однос и со Макпетрол АД Скопје, се вели во реакцијата.

Дилемата што пред јавноста ја отвори Јосифовски се однесува на тоа што Балкан Петролеум,фирмата што се појави како понудувач за непријателско преземање на Макпетрол ,отвори нерезидентна сметка токму  во Стопанска Банка Битола а не во некоја од другите деловни банки  во Македонија. Прашањето е зошто една сериозна банка се нафаќа да отвори нерезидентна сметка кога од истражувањето на Телма беше познато дека оваа оф шор фирма  е основана со 1000 евра, нејзини сопственици се други две офшор компании формирани со 500 евра што го прави случајот класичен пример за обид за перење пари и обид за прикривање на вистинските соптвеници. Балкан Петролеум Холдинг Лимитед е формирана еден месец пред да ја даде понудата,нема вработени луѓе во неа и досега нема направено ниту една зделка.Но И покрај сево ова како и поради тоа што не беше доставена банкова гаранција и не беа депонирани пари за откуп на акции,Централниот Депозитар со неа потпиша договор ,документите ги достави до КХВ и наместо да го решава случајот,го стопира наводно затоа што се чекало решение за претходно правно прашање.Не се дозна кои се вистинските луѓе кои стојат зад Балкан Петролеум ниту се обелоденија сознанијата за потеклото на нејзиниот имот.

Вчера првиот човек на АД Макпетрол рече дека обидот за преземање на нафтениот гигант кој започна минатата година,  нема да помине без последици а одговорност ќе се бара и од директорите и од УО на Централниот депозитар и КХВ.

 Виолета Зајкова - Стојановска 

Веста е прочитана 1990 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.