Реконструкција на Влада и Верификација на 9 мандати

31 October, 2017 - 21:33

Се испразнија три столчиња во Владата. Реконструкција мора да има. Очекувано, новоизбраниот градоначалник  Арбен Таравари денеска не дојде на владина седница, но дојде во министерскиот кабинет за да се спакува и да направи проштална фотографија со своите соработници. Од утре сака да почне да ги решава проблемите на општина Гостивар. Функционирањето на Министерството не е доведено во прашање бидејќи, како и до сега, тука е заменик министерот. Чаршијата лесно му најде замена на министерот Таравари, со оглед на тоа што лидерот на Алијансата, Зиадин Села, по професија  е лекар интернист. Но, тој  во телефонски разговор, остро демантира.

-Јас министер во Владата на Заев? Нема шанси! Ве молам, Јас сум човек со самопочит и интегритет, кажа Зиадин Села.

Села не е волку решителен кога е во прашање учеството на Алијансата во Владата. Вели дека за тоа не може да одлучи самиот и дека деновиве ќе решаваат органите на партијата. И покрај разочарувањето што СДСМ не беше понеутрална на локалните избори, партијата на Села веројатно ќе остане во Владата.

Во Собранието, тоа значи учество во владеачкото мнозинство со тројца пратеници. Но, доколку решат да заминат, тоа ќе биде само со двајца пратеници, бидејќи Села веќе се разијде со третиот - Весел Мемеди од НДП. Во СДСМ се оптимисти, веројатно поради веќе договорената соработка со ДПА. Оттаму молчат. Покрај Тачи, на владеачката собраниска страна треба да седне и Мерале Ферати, на местото на Бардуљ Даути, кој си поднесе оставка. Договорот со ДПА треба да ја внесе партијата и во Владата, можеби со пополнување на испразнетиот ресор за странски инвестиции.

Премиерот Заев очекува парламентарното мнозинство да расте. Откако Чедомир Саздовски го напушти Гром и стана независен пратеник, се засилија шпекулациите дека и други опозициски пратеници ќе ги поддржуваат проектите на Владата, особено оние што доаѓаат од малцинските заедници или не се дел од „тврдото ткиво“ на ВМРО ДПМНЕ.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, не сака да се занимава со меѓупартиски прегрупирања.

По паузата поради Локалните избори, утре Собранието продолжува со работа. Претседателот Талат Џафери вели дека прво мора да се верификуваат мандатите на девет нови пратеници: седум од нив треба да ги заменат пратениците од СДСМ што станаа градоначалници, еден е од ДПА и еден  од БЕСА, на местото на лидерот Биљал Касами, кој поднесе оставка кога се кандидираше за прв човек на Тетово.

Наредните недели, Собранието треба да ги заврши седниците за законот за јазици, за интерпелации на неколку министри, да ги донесе новопристигнатите предлог-закони, да избере нов Јавен обвинител, но да гласа и за реконструкција на Влада. Џафери вели дека штом ќе добие предлог за нови министри од премиерот Заев, веднаш ќе закаже седница. Кога резултатите од вториот круг ќе станат конечни, ќе треба да се најде замена не само за Таравари, туку и за Рамиз Мерко, кој „цели пет месеци“ привлекуваше странски инвестиции и по 4 години се враќа како старо-нов градски татко во родната Струга. Празно е и местото на кинезиологот Висар Ганиу, кој ги остави на страна заменик-министерската функција во Образование и професорството во Државниот универзитет во Тетово, за да стане градоначалник на Чаир.

Соња Николовска

Веста е прочитана 5873 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.