Република Српска усвои Резолуција за воена неутралност

18 October, 2017 - 10:02

Пратениците во Народното собрание на Република Српска, рано утрово усвоија Резолуција за заштита на уставниот поредок и прогласување на воена неутралност на ентитетот Република Српска. За Резолуцијата гласаа 44 пратеници, а никој не беше против, ниту воздржан.

Со Резолуцијата се дефинира неутралноста на ентитетот Република Српска во однос на постоечките воени сојузи. Во Резолуцијата се наведува дека територијата на РС не може да биде отуѓена на кој било начин спротивно на Уставот и законоите, ниту може да и се утврди и припише друго својство.

Во документот се прецизира дека РС е определена секој иден статус да го координира со Србија, како потписничка на Дејтонскиот мировен договор.

Резолуцијата за воена неутралност и заштита на уставниот поредок ја гласаа само пратениците од владејачката коалиција, откако на синоќешното заседание одбија да учествуваат опозициските пратеници, како и коалицијата „Домовина“ (Татковина), поради тоа што не беа ставени на дневен ред точките кои тие ги предложија. 

Сараевските медиуми коментираат дека ентитетот на РС, надвор од своите надлежности, прогласи воена неутралност, иако тоа е во надлежност на државата БиХ, како и покрај фактот дека официјалните институции на БиХ се определија за членство во НАТО.

Веста е прочитана 621 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.