Роберт де Ниро е првиот добитник на наградата Почесно срце на Сараево

9 August, 2016 - 12:33

Славниот глумец, режисер и продуцент Роберт де Ниро, двократен „оскаровец“, пет пати номиниран за „Оскар“ и добитник на неколку „Златни Глобуси“, сега е носител и на признанието Почесно срце на Сараево за животно дело.

Најголемата награда на 22-от „Сараевски филмски фестивал“ за својот исклучителен придонес во филмската уметност, на Де Ниро ќе му биде врачена пред 3.000 љубители на седмата уметност, на самото свечено отворање. 

- Голема чест е да се има Роберт де Ниро како прв добитник на Почесно срце на Сараево за животно дело. Од првата наша средба која се случи пред десетина години на „Трибек филм фестивал“, работевме на тоа - еден ден тој да дојде во Сараево. Сите сме возбудени заради тоа. Како филмски професионалец и голем вљубеник во филмот, уверен сум дека говорам и во името на моите колеги и на публиката, изјави Мирсад Пуриватра, директор на „Сараевскиот фестивал“.

Фестивалот ќе биде отворен со култниот „Таксист“ на режисерот Мартин Скорсезе, филм во кој главната улога маестрално ја одигра Де Ниро. Филмот ќе биде прикажан во својата реставрирана верзија, во чест на 40-годишнината од премиерата.

Фестивалот годинава ќе трае од 12 до 20 август. 

 

Веста е прочитана 469 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.