Рома СОС: Бараме еднаков пристап за Ромите пациенти

24 December, 2015 - 21:13

И три месеци по смртта на тригодишната Анета Неџипоска од Прилеп,  не се знае од што починало девојчето, а  обдукциониот извештај не е завшрен.  Настанот се случи во октомври, кога со симптоми на труење од храна  родителите побарале лекарска помош во прилепската болница. По дадена терапија девојчето било пуштено дома, а ноќта починало.  Родителите се сомневаат на лекарска грешка и бараат одговорност од лекарите во болницата.

-Сакам да ја знам причината зошто уште нема документ од обдукцијата. Ми рекоа дека за 15 дена ќе има извештај од обдукцијата. Еве веќе 3 месеци поминаа, а уште нема ништо, рече  Зуликана Ќазимовска, мајка на Анета.

Три години трае  битката низ судските лавиринити на битолчанката Ајтен Јашар, која во 2012 година роди машко дете во битолската болница, но по 2 дена тоа починало. Родителите никогаш не го добиле  мртвото тело, со образложение дека било третирано како медицински отпад. Сега бараат отштета од болницата за претрпената душевна болка.

Исто така во тек е кривичната постапка за случајот на Сабина Веселова од Битола, која во 2012 година починала при породување со царски рез. Бебето преживеа, а обвинителството поднело кривична пријава против анестезиолог заради пропуст во третманот.

-Беше силна жена, од ништо не боледуваше, немаше никакви проблеми. Но, почина, така заврши таа, вели Селим Пеливановиќ, сопруг на починатата Сабина. 

По 7 години, судска разрешница во 2015 година доби случајот со  Агуш Салиоски, кому  на 8 годишна возраст му беше ампутирана раката, после компликации настанати од скршенница. Еден лекар од прилепската болница беше осуден на условна казна затвор од три месеци, а  прилепската болница на Агуш му исплати отштета за траен инвалидитет.

-Џабе се парите кога детето до крајот на животот остана без рака, вели мајката на Агуш, Мазес Салиоска.

За овие  и за уште неколку оштетени Роми кои доживеле посериозни последици  при добивање здравсвени услуги, судска заштита обезбедува  невладината Рома СОС од Прилеп, од каде велат дека јавноста малку знае и малку се дебатира  за овие случаи. Бараат еднаква грижа и еднаков пристап на општетсвото кон  Ромите.

-Бараме еднаков пристап за Ромите пациенти, како за сите пацнети, до системот,  до правдата и до можностите кои што се нудат во нашата држава како граѓани од прв ред, а не како граѓани од втор ред  како што сме во моментот, рече Несиме Салиоска од НВО Рома СОС-Прилеп. 

Заклучоците од денешната  трибина на тема  „Здравјето на Ромите низ призмата на законите“, организирана од невладината Рома СОС,  ќе бидат  достават до пратениците во Македонскиот парламент.

Емилија Мисирлиевски

Веста е прочитана 129 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.