Светска банка порачува да се одложи зголемувањето на пензиите

16 November, 2017 - 15:13

Сакаме да видиме континуирани заложби од Владата дека ќе спроведе фискална консолидација, порачаа денеска од Светска банка. Марко Мантованели, директор на Канцеларијата во Македонија вели дека во земјава, по разрешувањето на политичката криза, главниот ризик е на фискалната страна, битно е да се одржи макроекономската стабилност за да не се поткопаат изгледите за раст.

Мора да се зголемат буџетските приходи, децидни се светските банкари, дали тоа ќе значи дека ќе мора да се зголемат даночните стапки или даночната основица?

„Ги испитуваме и двете можности, дел од анализата е и за тоа колку е широка даночната основица, ги гледаме и основиоците и стапките и сакаме да направиме најдобра проценка, за да ја утврдиме најдобрата можност за Македонија“, вели Куња.

Сепак, големиот број даночни ослободувања мора да се ревидираат, велат од Светска банка. Сега се прави анализа дали и како може да се подобри ефикасноста во собирањето на даноците, таа според првичните наоди, е ниска.

Се работоти и на решенија и за одржливост на пензискиот систем, како прва мерка, се советува новата Влада да ги одложи ад хок зголемувањата на пензиите што беше практика во претходните години.

„Моментално работиме со министерството за труд и социјала за подобрување на капацитетот на Фондот за ПИОМ, моментално пензискиот систем е во добра кондиција бидејќи добива трансфери од централната Влада кои се зголемуваат со годиниве, целта е да се намали зависноста на пензискиот фонд од тие трансфери, работиме на измемна на законската регулатива кои ќе гои намалат тие трансфери, не можам да дадам повеќе информации“, вели Шимбов.

Од Светска банка побараа и да се подобри ефикасноста на социјалните трошења, со цел во буџетите да има повеќе место за капитални инвестиции, да се рационализираат субвенциите, пред се во земјоделството, и да се спречи во иднина да се трупаат неплатени обврски на државата.

„Во окружување на фискална ограниченост Владата треба внимателно да размислува каде ќе го вложи секој долар, да ги фокусира трансферите на оние на кои им се најпотребни, не се работи дали социјалните трансфери се високи или ниски, туку како да бидат што поефективни“, вели Куња.

Од Светска банка, која денеска го презентираше редовниот полугодишен извештај за Западен Балкан, велат дека поради политичката криза, земјава годинава ќе има раст од само 1,5 отсто, најнизок во регионот. Сега откако таа е политички стабилизирана, тој ќе закрепнува, в година ќе биде 3,2, а во 2019 -  3,9 проценти. 

Главен двигател на растот ќе биде приватната потрошувачка, како резултат на се поголемата вработеност, како и зголемувањето на инвестиците поврзани со изградбата на двата автопата.

Јавниот и јавно гарантираниот долг се очекува да се зголеми до 54,7 отсто во 2019 година.

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 1884 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.