Се водат повеќе истраги за перење пари против јавни личности во Македонија

7 November, 2017 - 15:41

Финансиската полиција води повеќе истраги за перење пари против јавни личности од Македонија. За дел од истрагите, сомнежите се дека преку злоупотреби со јавни набавки и тендери се заработувале нелегални пари, кои се перат и легализираат или во земјите даночни раеви, или преку фиктивни фирми формирани во државата. Финансиската полиција се посомневала кога открила дека новоформирани македонски фирми чии сопственици се или сиромашни или проблематични граѓани се извлекуваат големи суми пари, за кои се истражува дали се од затаен данок и така се легализираат. За даночните раеви, се бара меѓународна правна помош. Директорот на Управата Арафат Муареми потврди дека истрагите траат повеќе години, но не открива детали за колкави суми и за кој профил на осомничени станува збор.

Арафат Муареми изјавата ја даде на отварањето на конференцијата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, каде странски предавачи се израелски експерти, а на домашен терен предавање ќе одржи и обвинителката во СЈО Ленче Ристовска. Кога ја прашавме дали со израелските експерти ќе зборува и за израелецот Хаим Хакеини чии разговори со секретарката на Сашо Мијалков ги имаше во бомбите, а се поврзани со набавки на опрема и трансфер на пари, Ристевска одговори дека тој случај не е поврзан со темата на конференцијата - перење на пари.

На конференцијата Ристовска пак рече дека имале добра соработка со банките во единствената истрага на СЈО за перење пари, а станува збор за истрагата „Талир“ за имотот и за донациите на ВМРО-ДПМНЕ. Конференцијата ја отвори министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој истакна дека криминалот, се прилагодува на околностите и на новата технологија, а пред се тука станува збор за перење на пари, кое стана еден од базичните сегменти во финансирањето на терористички операции. За успешна борба, Спасовски рече, против перењето пари мора да има агенции со стручни кадри и со опрема како и помош од стручната јавност.

Миомир Серафиновиќ

Веста е прочитана 5893 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.