Владата го поскапува дизелот - така ќе се полни буџетот

2 November, 2017 - 12:35

Дизелот поскапува од стартот на идната година, Владата ја зголемува акцизата за 3 денари, а зедно со ДДВ цените ќе бидат повисоки за 3,54 денари. Поскапува и екстра лесното гориво за домаќинствата. Министерот Тевдовски кој денеска го претстави предлог буџетот за идната година, пред тој да оди во Собранието, рече дека на овој начин ќе се обезбедат дополнителни 31,7 милиони евра од акциза и ДДВ во буџетот. Така ќе имало повеќе пари за изградба на патишта, а да не се зголемува задолжувањето. Како една од причините за оваа мерка се наведува и дека тоа е препорака на ЕУ за заштита на животната средина и намалување на загадувањето.. Првиот финансиер вели дека и со ова зголемување цената на нафтата ќе биде најниска во регионот.

Дали е можно поскапата нафта да доведе до бран на зголемување и на другите цени, прашаа експертите.

Од министерството тврдат дека другите бензини нема да поскапат. Предвиделе дека со овој пораст инфлацијата в година ќе биде 1,7 отсто. НБМ, пак, која без оваа мерка очекува инфлација од 2 отсто идната година, вели дека ако не директно, можно е таа да донесе индиректни ефекти.  

Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека не биле информирани за зголемената акциза за нафтата. Според познавачите, ако се има предвид дека екстта лесното (масло за домаќинството) содржи за 100 пати поголемо количество на сулфур во споредба со дизелот, оваа мерка ќе има минимално влијание спрема животната средина, бидејќи екстра лесното (масло за домаќинството),  сепак ќе остане поевтино од дизелот и ќе продолжи неговото зголемено користење, а со тоа и директно влијание врз животната средина. Неговиот еколошки ефект, е уште поголем доколку е познат процентот на пренамена од гориво за греење во гориво за транспорт, кој поради сивата економија изнесува и повеќе од 50 отсто на нашиот пазар.  

 

Буџетот за идната година ќе тежи 3,44 милијарди евра и тој е најголем досега, откако лани изнесуваше 3,35 милијарди. Приходите се проектирани на ниво од 3,15 милијарди евра, што е раст за 4,7 отсто. Буџетскиот минус е 2,7 отсто од БДП, или 296 милиони евра, дел ќе се финансира и преку издавање на еврообврзница на меѓународниот пазар.

Покрај од зголемената акциза, плус пари ќе се обезбедуваат и од зголемување на максималната основица за придонесите.

На расходната страна, платите ќе тежат 460 милиони евра и се зголемуваат за 7,5 милиони евра, повисоки плати ќе добијат во Армијата, здравството и образованието, а нови вработувања ќе има во градинките.

Експертите, бизнисот и синдикатите ги изразија своите загрижености.

Намелени се трошењата за стоки и услуги. За земјоделски субвенции се наменети 137 милиони евра. За капитални инвестиции, пак, Владата оди со висока проекција, 402 милиони евра, вели дека ќе ги преземе сите мерки за нивна што повисока реализација. Прогресивното оданочување ќе почне од јануари 2019 година, министерот вели дека не сака набрзина да се донесе вака значајна даночна реформа.

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 3283 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.