Села: Власта ми вади стари снимки за да си го скрие криминалот

18 March, 2017 - 18:14

Еден од потписниците  на платформата, Зијадин Села од Алијансата за Албанците, тврди дека власта и медиумите блиски до неа деновиве го оцрнуваат вадејќи му стари снимки и изјави од пред изборите, дадени во жарот на изборната кампања, чија цел е да се отежни формирањето на новата влада.  Тој вели дека и сега ги брани барањата од интерес на Албанците во Македонија, но дека не гледа никаков радикализам кај себе.

Со  појаснување во однос на своите цели и барања денеска излезе и движењето Беса Немаше да ја подржиме платформата на албснките партии доколку мислевме дека е на штета на нашите сограѓани, се вели во нивното соопштение.

„Колку што сме заинтересирани да воведеме добросостојба и реализација на правата на Албанците во Македонија, исто толку сме заинтересирани и Македонците и другите етникуми  да се чувствуваат добро, спокојни и почитувани како лојални граѓани на оваа држава“, се додава во соопштението. 

Портпаролот на ДУИ Бујар Османи вчера во ТОП ТЕМА изјави дека платформата се користи за  заплашување „како некаква баба рога“.

Платформата , односно потребата таа да се осуди е содржана и во барањата кои ВМРО ДПМНЕ ќе му ги достави на Хан во вторник. Партијата ќе бара од Хан, ЕУ да се држи до своите  барања, односно да се почитува правилото при формирање на Влада победникот во македонскиот секогаш да коалицира со победникот во албснкиот блок. Третата работа што ја очекуваат од Хан  е да ги земе предвид протестите против оваа платформа. 

Еврокомесарот Хан, пред неговото доаѓање во интервју за Дојче Веле апелира за демократско предавање на власта.

„Апелирам за демократско предавање на власта, затоа што и тоа е дел од прифаќањето на земјата. Државата  заслужи пофалби со спроведувањето на изборите. Доколку тоа сега го прокоцкаат, тогаш ќе прокоцкаат многу. Но,ако тоа сега го спроведат, тогаш ќе го стават европското семејство под притисок и тоа да испорача„ вели Хан. 

Хан го оценува мешањето на албанскиот премиер Еди Рама како контрапродуктивно и ја обвинува Русија дека додава масло на огнот во нестабилната состојба во регионот. Апелира до македонските политичари да се држат до договореното во Пржино, но и ги предупредува политички одговорните во Скопје дека не треба да мислат дека со изборите и со формирањето на новата влада сега сите проблеми со кои се занимаваме би биле решени. Хан критикува и дека ЕУ не му посветила доволно внимание на спорот со иметo.

 

Сања Јовановиќ Дамјановска

Веста е прочитана 10881 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.