Шпанската Влада го започна процесот на суспендирање на каталонската автономија

21 October, 2017 - 15:35

Шпанската Владата го започнува процесот на суспендирање на автономијата на регионот Каталонија. Соопштувајќи ја одлуката премиерот Рахој рече дека шпанската Влада не сакала да го активира членот 155 од Уставот на Шпанија, кој и дозволува на централната влада да го преземе управувањето на одреден регион, но дека Мадрид бил принуден на овој чекор. Мадрид ќе ја распушти каталонската влада со цел да ги отстрани нејзините сегашни лидери, но нема да го распушти парламентот.

„Владата беше принудена да го активира членот 155 од уставот. Не беше по наша желба ниту беше наша намера, никогаш не беше, но мислам дека и шпанското јавно мислење во целина го знае тоа. Членот 155 е уставен член, но се активира само во исклучителни околности“, соопшти Рахој.

Каталонија одржа референдум за независност на 1 октомври, кој од централната влада беше оценет како неуставен и шпанската полиција се обиде да го спречи со употреба на сила. 43 проценти од граѓаните сепак гласаа за независност и каталонскиите власти потпишаа декларација за независност но веднаш ја суспендираа, надевајќи се на почнување преговори со владата во Мадрид.

Маријано Рахој – Премиер на Шпанија

„Го активираме членот 155 затоа што ниту една влада во било која демократска држава, повторувам, ниту една, може да прифати игнорирање на законот, кршење на законот, промена на законот, се тоа во обид да се наметне нивниот критериум врз остантите“, додаде Рахој.

Мерките кои ги предложи шпанската влада треба да бидат одобрени од Сенатот каде владејачката Народна партија на Рахој има мнозинство и речиси е сигурно дека ќе добие зелено светло. Не е познато што точно вклучува листата затоа што таа ќе биде објавена непосредно пред гласањето во Сенатот, но покрај распуштањето на регионалната влада и суспендирање на автономијата, Мадрид може да ја преземе и контролата врз регионалната полиција. Најверојатно ќе се бара одржување на нови регионални избори во Каталонија најбрзо што може, за што двете најголеми партии во Шпанија вчера објавија дека веќе се договориле. 

Игор Трајков

Веста е прочитана 790 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.