Синдикатот на МНР се сомнева во интерните конкурси

20 April, 2017 - 18:53

Крајно сомнителен е потегот на Министерството за надворешни работи со објавување 20-тина интерни конкурси неделава за распоредување на дипломати во амбасадите и конзулатите, објави Синдикатот на македонската дипломатска служба. Според Синдикатот тоа е недопустливо затоа што од распишувањето на изборите па се до избор на новата влада постои законска пречка за распоредување и унапредување на лица вработени во органите на државната управа. Ова е наведено во генералното мислење на Антикорупциската комисија во врска со последните избори.

Синдикатот, кој е заобиколен во постапката, заклучува дека се работи за некоја ургентна потреба затоа што по изборот дипломатите ви се распоредиле во јули и август.

„Се планира испраќање „ургентни дипломати“ во ДКП-а кои се кадровски добро покриени и професионално функционираат на високо ниво. Од тука стравот дека идните упатувања се и во функција на „згрижување“ определени партиски кадри, но и со резервен план: во случај на евентуални идни избори да има мрежа од „сопствени“ кадри.“

Од МНР експресно реагираа дека зад Синдикатот се затскриваат неколку лица со нескриени политички амбиции. Потврдуваат дека има интерни конкурси и објаснуваат:

„Упатувањата во ДКП се вршат во согласност со релевантна законска рамка. Истата го опфаќа Законот за надворешни работи, одредбите содржани во Правилникот за упатување и сите други релевантни подзаконски акти. Секако дека овие факти се познати и за лицата кои се претставуваат како Синдикат, а впрочем се обидуваат да извлечат лична или политичка корист.“

Во реакцијата на МНР не се коментира делот во кој Синдикатот на дипломатската служба посочува дека Владата во заминување нема легитимитет да ја остварува извршната власт со полн капацитет и дека пратеникот Никола Попоски е се уште носител на дипломатски пасош кој гласи на министер за надворешни работи и заменик премиер.

Сања Васиќ

Веста е прочитана 1179 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.