СЈО бара најстрога казна за Горан Грујевски

6 November, 2017 - 16:01

Не правевме ништо со умисла, туку началникот Грујевски ни нареди, а во УБК мора да се почитува хиерархија, вака во своите завршни зборови, 5-те обвинети службенички од УБК се бранеа откако СЈО ги обвини дека противзаконски уништиле документи кои можеле да се користат како докази за нелегално прилсушување во 5-тата Управа. Обвинителката Ленче Ристовска, за сите 6 жени вработени во УБК и обвинети во „Тврдина 2“ побара алтернативни казни, односно условни осуди, а новинарите ги замоли да не ги објавуваат имињата на службеничките затоа што работеле сензитивна задача во УБК. Доколку бидат осудени на повеќе од 6 месеци затвор службеничките ќе останат без работа. Од СЈО не прецизираа дали признанието на крај на процесот дека работеле по наредба на Горан Грујевски за да не останат без работно место и плата ќе влијае врз нивните казни.

Завршните зборови на службеничките на кои им наредувал, Горан Грујевски не ги слушна. Во притвор е во Грција, а додека беше достапен службеничките не даваа искази. Грујевски не слушна и дека уништувањето на документите кое се одвивало паралелно со уништувањето на системот за следење на комуникации според СЈО претставува намера да се спречи истрагата и да се открие кој нелегално прислушувал. СЈО побара од судот најстрога затворска казна, за дело фалсификување која се движи до максимум 5 години затвор. Од друга страна страна одбраната тврди дека СЈО не било надлежно за случајот, дека ги гони службеничките затоа што извршувале наредби. Адвокатот Љупчо Шврговски пак оцени дека со новиот кривичен закон, уништување на оригинални документи не претставува фалсификување на службени книги и побара судот да ги ослободи обвинетите.

„Тврдина 2“ е првиот случај на СЈО кој стига до завршни зборови, а пресудата судот ќе ја изрече во среда. Судскиот процес го води судијката Лидија Петровска, која беше спомната во една од бомбите од нејзина колешка, дека со сваровски подароци се борела за судската тога. Случајот беше прв процес по обвинение на СЈО, а првообвинетиот Грујевски ќе добие пресуда во отсуство. Предметот е дел и од документација на министерството за правда за екстрадиција на Грујевски кој по определен притвор во случајот „Тврдина-Таргет“ избега и пред дваесет дена е уапсен во Солун. Од министерството потврдија дека барањето за екстрадиција е подготвена за испраќање во Грција.

Миомир Серафиновиќ

Веста е прочитана 3393 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.