СЈО ќе биде дел од групата за следење на комуникации

18 November, 2017 - 16:13

Нови постојани членови во работното тело за реформи на следење на комуникациите, и повторно се од државни институции, а не е додаден никој од граѓанскиот сектор и од редот на експертите. Владата на вчерашната седница одлучи нови постојани претставници да дојдат од СЈО, двајца обвинители оттаму и уште еден од дирекцијата за безбедност за класифицирани информации.

„Оваа одлука е донесена врз основа на увидената потреба во работата да бидат вклучени и претставници од СЈО и од Дирекцијата“.

Со новите членови, бројната состојба на работното тело е зголемена од 29 на 32-ца. Единствен експерт односно претставник на граѓанските организации е Гордан Калајџиев, додека сите останати се од државни институции. Владата соопшти дека повремено и по потреба ќе повикува експерти од земјата и странство, но тие нема да бидат постојани членови. За следењето на комуникации веќе е избран хрватскиот модел, односно посебно тело надлежно за прилсушување по судски наредби. Откако владата го избра моделот, почнаа дискусиите и дебатите, но главно со луѓе од институциите додека граѓанскиот сектор остана надвор од работното тело. Вчера на консултативна средба со министерот Оливер Спасовски беа повикани претставниците на граѓанскиот сектор од кој МВР очекува сугестии за подобрување на мерката следење на комуникации која во изминатите неколку години беше злоупотребувана и предизвика огромен скандал со нелегалното прислушување.

„Претставниците на граѓанските организации изразија подготвеност активно да учествуваат во процесот и со конкретни предлози и забелешки да влијаат на подобрување на имплементацијата на реформата“.

Досега дебатата за реформите главно се одвиваше во рамките на МВР и на владата. Во работната група се вклучени и 4-ца пратеници од комисиите задолжени за надзор на тајните служби и за ндазор на примената на мерката следење на комуникации.

Миомир Серафиновиќ

Веста е прочитана 1116 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.