Скопје се загадува со палење отпад на отворено и несоодветни горива

2 November, 2017 - 13:03

Палење отпад на отворено, кои покрај загадувањето на воздухот, претставуваат и опасност за безбедноста на граѓаните, неконтролирано користење несоодветни горива во индивидуалните куќи и во индустриски инсталации од помал капацитет, кои се под надлежност на локалната самоуправа, констатирал Државниот инспекторат при ноќните терсенски контроли во Скопје направени по дојави на граѓани.

Инспекторите направиле повеќе теренски контроли на територијата на скопските општини, особено во Карпош, Ѓорче Петров и Гази Баба.

Од Министерството за животна средина истакнуваат дека е потребно усогласување на активностите на локалните и на државниот инспекторат за подобро справување со овој проблем. 

- Теренските активности покажаа дека постои недоволна усогласеност во дејствувањето на Државниот и локалните инспекторати и тоа создава празнини и секојдневна непокриеност на голем број еколошки жешки точки. Тоа јасно покажа дека за да се обезбеди ефикасна заштита на здравјето и животната средина е потребно итно координирање на инспекциите за животна средина. Особено е алармантна состојбата во Скопје, каде што дејствуваат дури три нивоа на инспекторати (државен, градски и општински), а исходот е незадоволителен, укажуваат од МЖСПП.

За таа цел, на 8 ноември ќе се одржи координативен состанок со кој ќе раководи заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули. На состанокот ќе присуствуваат претставници на повеќе институции надлежни за животната средина во Скопје - Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат, градскиот и општинските инспекторати, како и сите скопски градоначалници, кои го иницирале. 

Веста е прочитана 190 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.