СКРМ бара повлекување на Законот за култура и на Колективниот договор

5 June, 2017 - 15:27

Изменетиот Закон за култура од 2014 година, е штетен зашто има низа одредби, преземени од законите за администрација и предизвикува бирократизација на дејноста, велат од Синдикатот за култура. Барањето за повлекување на законот, од СКРМ го поврзуваат и со непотребните трошоци кои тој ги наметнува, со предвидените реаудиции.

- Има ставка каде што стои член дека треба странски комисии да не оценуваат. Пет члена комисија во која 4 се странци. Тие 4 странци за секоја реаудиција , за секое вработување треба да се покануваат. Од каде ќе најде сретства државата ако земеме предвид дека, еве МОБ нема исплатено повеќе од една година за хонорарни настапи на изведувачите, рече Виктор Илиески- претседател на СКРМ.

Илиески смета дека треба да се повлече од употреба и Колективниот договор кој претходниот состав во Министерството за култура го направи со СОНК, поради низата скратени работнички права во институциите од културата. Како што вели тој, од Синдикатот формирале комисија и изготвиле нов Колективен договор зашто како засегната страна не биле вклучени во тој процес. Од СКРМ бараат и изземање на уметниците од Законот за административни службеници.

- Исто така бараме поголема демократизација во театарските институции од причини што нашиот глас како носители на дејноста е многу малку слушнат и не учествуваме во креирањето на репертоарската политика, Сања Арсовска- Синдикална организација при  СКРМ од Драмски театар.

Синдикатот за култура кој брои 700 членови од 15 јавни установи, бара да се деблокира постапката во Министерството за труд и социјала, за прием на нови членови од Театарот за деца и младинци и од Музејот на град Скопје. Сите барање Синдикатот на писмено ќе му ги достави на новиот министер за култура, Роберт Алаѓозовски.

Сотир Трајков

Веста е прочитана 1814 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.