Сликата од Мазев исчезнала од Владата во 2007 година

3 July, 2017 - 18:58

Управата за заштита на културното наследство ќе бара итна истрага  на делото на Петар Мазев, насловено „ Слика 7“, од 1981 година , за кое СОЗР при Владата, по последниот попис утврди дека исчезнало.  Од Управата велат дека сликата на Мазев ја нема во владината зграда од 2007 година, но од тогашниот состав на СОЗР не ја известиле Националната галерија.

-Во еден допис од СОЗР на Владата на РМ, е укажано дека уште во 2007 година, службата утврдила дека ова дело го нема. Значи речиси 10 години од тогаш, иако не ја известила надлежната установа за исчезнувањето на ова дело, чиј сопственик е Националната галерија, што навистина е малку симптоматично, изјави Валентино Димитровски- раководител на одделение за движно културно наследство.

Според Димитровски, од Националната галерија на Македонија дознале за исчеснувањето на сликата на Мазев во 2015 година, кога со договорот за времено користење на 26 дела, од тогашното СОЗР, им побарале делото да не биде предмет на уредување на меѓусебни права и обврски затоа што го нема. За делото на Мазев и за друга исчезната слика од Националната галерија,  од авторот Владимир Величковски , од Министерството за одбрана во 2012 година , Управата го известила МВР кон крајот на минатата година. Но, до сега нема одговор за резултатите од истрагата. Затоа случајот повторно ќе го пријават, велат од Управата. А од МВР, со одговор.

-До овој момент немаме пријава до соодветните служби дека е исчезната слика од Петар Мазев, од Владата на Република Македонија. Доколку добиеме пријава, веднаш ќе постапиме по истата.

Националната галерија на Македонија, сега процедурално чека дозвола за влез во Владата , за да направи попис на вредни дела од првата и втората генерација современи македонски сликари, позајмени пред 18 години.  Како што велат од Галеријата, не им бил дозволен попис на сликите ,последниве 10 години кога беше на власт коалицијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Сотир Трајков

Веста е прочитана 2715 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.