Слободарска и европска култура ветува новиот министер Алаѓозовски

1 June, 2017 - 17:54

Културна демократија за доближување на културата до секој граѓанин и слободарски и европски вредности што ќе овозможат услови за придвижување на целиот културен сектор, ветува новиот министер за култура.

-Културата , иако е широка дејност, се знае кои се проевропски политики, се знае кои се европските културни трендови, така што ние тоа ќе го следиме и ова министерство ќе биде едно од најактивните во регионот, што ќе овозможи услови за придвижување и заживување на целиот културен сектор.

Министерот  Алаѓозовски најави скенирање на состојбите во културата и во самото Министерство, ревизии таму каде што ќе се покаже дека треба и постапно решавање на проблемите со проектот Скопје 2014,  со вклучување на широката јавност, за да не се создадат тензии во општеството и штета на новата Влада.

-Јавноста да не речам врие од желба прашањето да се реши. Се даваат многу предлози. Ние кон сето тоа ќе пристапиме со големо внимание, но нашата стратегија е дека 10 пати ќе мериме, еднаш ќе сечеме, во интерес и со инволвирање на најшироката јавност.

Новиот министер за култура е личност од независната културна сцена, писател, издавач и докажан менаџер во Европската мрежа на менаџери во културата, со која претседаваше од 2005 до 2014 година. Овие активности вели дека сега ги става на страна, во интерес на новата функција. Роберт Алаѓозовски денеска ја презеде функцијата министер од Елизабета Канческа - Милевска, која 9 години министеруваше како кадар на ВМРО-ДПМНЕ.

Таа замина од министерската фотеља како една од четиримината осомничени од СЈО, поради местење тендер тежок 1 милион евра на компанијата Бетон- Штип, за партерно уредување на Музејот на македонската борба, кој е дел од проектот Скопје 2014. 

Сотир Трајков

Веста е прочитана 6959 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.