Словенија ја поддржува Македонија за ЕУ и НАТО без условувања

12 September, 2017 - 12:58

Словенија ја поддржува и ќе ја поддржува Македонија во евроинтеграциските процеси без какви било дополнителни условувања. За мали држави како Македонија и Словенија карактеристично е да бидеме единствени и заедно да ги остваруваме своите цели пред меѓународната заедница, изјави денеска претседателот на Државниот збор  на Словенија Милан Брглез по средбата со неговиот македонски колега Талат Џафери. 

- Се радувам и верувам дека со вашето излегување од кризата се гарантира подобра работа на институциите во вашата држава. Како во вашата така и во нашата држава и покрај сите различни ставови за клучните прашања знаеме да застанеме заедно и да ги решиме, рече Брглез.

Словенија секогаш ќе ја поддржува Македонија на евроинтеграцискиот пат, но како што рече претседателот на словенечкиот Државен збор, „патот за тоа ќе биде полесен доколку тоа заедно го направиме“.  

Брглез, исто така, и се заблагодари на Македонија за помошта при решавање на мигрантската криза. 

Претседателот на македонскиот Парламент, Џафери, изјави дека на средбата го информирал Брглез за работата на Собранието, за претстојните локални избори и за динамиката на Собранието во согласнот со планот 3-6-9 на Владата на Република Македонија. 

- Билатералната соработка е добра, но треба да се продлабочи и да се прошири особено во делот на парламентарната дипломатија, рече Џафери. 

На средбата што им претходеше на изјавите за медиумите, Џафери се заблагодарил за поддршката што Словенија и ја дава на Македонија за влез во НАТО и во ЕУ,  но исто така посочил и на потребата за координирано справување со мигрантската криза. 

Претседателот на словенечкиот Парламент на пладне ќе има обраќање во Собранието на РМ, а потоа ќе оствари средби во претседателите и членовите на комисиите за надворешна политика и европски прашања. Брглез ќе се сртене и со премиерот Зоран Заев и со претседателот Ѓорге Иванов, а во Скопје ќе присуствува и на бизнис форум. 

Посетата на Брглез е прва официјална посета на претседател на Парламент во овој собраниски состав. 

Веста е прочитана 167 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.