Со укинување на каталонската автономија кризата ќе ескалира, предупредува Пуџдемон

26 October, 2017 - 15:12

Поставувањето на Каталонија под дирекна управа на шпанските централни власти ќе го лиши каталонскиот народ од неговите институции и ќе предизвика уште поголема ескалација на кризата, оцени претседателот на каталонската регионална Влада, Карлес Пуџдемон. Каталонскиот претседател во писмото до Сенатот на Шпанија, кој утре треба да се изјасни за одлуката на шпанската Влада за активирање на членот 155 на Уставот предупреди дека овој потег на централната влада всушност е прекршување на шпанскиот Устав. Писмото Пуџдемон го упати во пресрет на седницата на каталонскиот Парламент, закажана за попладнево, на која се очекува реакција на пратениците на најавените мерки од страна на Владата во Мадрид.

Но премиерот Маријано Рахој тврди дека активирањето на членот е единствениот можен исход од кризата.

„Целта на активирањето на членот 155 е да се воспостави законитост, затоа што вие ќе сакате да живеете во држава во која законоте се применуваат, доколку не го сакате тоа, само кажете“, рече Рахој.

Аналитичарите во Барселона оценуваат дека Каталонскиот Парламент би можел да донесе две одлуки, или да прогласи еднострана независност на Каталонија, или да се самораспушти и да распише предвремени избори, со што би се запрела постапката за воведување директна управа врз регионот. Каталонците, меѓутоа, се веќе уморни.

„Сите страдаме од ситуацијата и ова е вистински проблем тука. Ситуацијава не треба да трае долго, затоа што е штетна за сите нас. Мислам дека политичките лидери треба да најдат решение веднаш“, вели Каталонецот Жозе Марија.

До решение во моментов е невозможно да се стигне, судејќи по написите во каталонските медиуми. Според нивни извори во регионалната Влада имало „жестока дискусија“ меѓу оние кои сакаат да бидат одржани предвремени избори и оние кои сакаат еднострано прогласување независност на Каталонија. 

Шпанската Влада во саботата реши да го започне процесот на активирање на членот 155 од Уставот, со цел да ја распушти регионалната Влада и да распишале предвремени избори, а до нивното одржување со Каталонија би раковедел посебен орган именуван од страна на владата во Мадрид.

Игор Трајков

Веста е прочитана 365 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.