Социјалниот центар „ Дуња“ бара трајно сместување за неподвижен бездомник

19 March, 2017 - 16:24

Дали 62 годишниот Спасе Божиновски, во инвалидска количка ќе мора да се врати на улица? Тој е еден од бездомниците кои зимава преку акцијата на Социјалниот центар „ Дуња“ добија привремено сместување. Но, сретставата наменети за тоа, добиени од донации, сега се потрошени , велат од  Социјалниот центар „ Дуња“. И постои опасност, Божиновски кој нема никакви приходи и контакти со семејството, во тешка здравствена состојба, со два преживеани мозочни удари и скршена десна нога, од која шипката била извадена деновиве, пет години по несреќата, од идниот месец да остане на улица.

- Не е пријатно никако. Немам каде. Пак ли ќе се враќам назад, каде, што ќе биде, не знам. До први...Не е виновна организацијата зошто немаат пари. Немаат финансии, вели Божиновски. 

Од „ Дуња“ бараат трајно сместување за Божиновски во Геронтолошкиот завод . Контактирале со Министерството за труд и социјална политика, а од таму ги упатиле на две вработени во службите . Но вработените ги одложувале обвските , а неделава заминале на семинар, се жалат од „ Дуња“.

- Сакаме да упатиме апел до Министерството за труд и социјала, да обрнат посериозна грижа за Спасе Божиновски, затоа што досегашната заложба што ни ја упатија беше минимална и тотално несериозна од нивна страна, изјави Борис Спировски- Социјален центар „ Дуња“

Иако побаравме,  не добивме одговор од Министерството за труд и социјална политика. Стапивме во контакт со Геронтолошкиот завод, а од таму ни рекоа дека за овој случај , до сега никој не им се обратил официјално и дека ќе постапат по допис од Центарот за социјална работа „ Гази Баба“. Објаснуваат дека тој е надлежен за жителите на Општина Илинден, во чии рамки е селото Ајватовци, од каде потекнува Божиновски. Од „ Дуња“ работат и на обезбедување документи, нивниот штитеник да добие додаток за нега од трето лице и апелираат граѓаните да помогнат со храна и облека за него. Не се откажуваат од намерата Спасе Божиновски трајно да го згрижат и планираат настани за обезбедување дополнителни сретства.

 

Сотир Трајков

 

Веста е прочитана 1016 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.