Соработниците во сеќавање на Вања Лазарова

13 March, 2017 - 20:32

Во изведбата на Вања Лазарова се разоткриваат најсуштинските слоеви на македонската музичка традиција и чудесните рожби на народниот гениј. За мене таа е синоним за народната музичка лирика, за македонската елегична или тажна песна, вели музикологот Марко Коловски.

„Она што го знаеме како тажна македонска народна песна која што извира од битието на историјата на Македонецот со нејзината интерпретација и боја на глас доби уште една потресна би рекол црта“, додава Коловски.

Соработката со Вања Лазарова за филмот „Пред дождот“ ќе ја паметам по многу нешта, беше воедно и нејзина прва музика ставена на цд што ја слушна целиот свет, вели Златко Ориѓански.

„Она имаше една голема ѕвезда! Ние како нација не успеавме тоа да сфатиме дека всушност најголемата сила на она што е Македонија се наоѓа во нејзината музика“, вели Златко Ориѓански.

За документарниот филм „ Вања - Со маки сум се родила“, посветен на нејзиниот  живот и дело, продуцентот Иво Јанковски за својата соработка со неа забележа дека филмот е еден вид читанка учебник, за идните генерации за тоа како се пеат македонските народни песни.

Нејзиниот глас и нејзината интерпретација не беа насочени кон тоа да се постигне некаква слава, не беа насочени кон тоа да се привлечат светлата на рефлекторите, уште помалку да се постигне некаков комерцијален успех.

Во музичката дејност на Вања Лазарова, добитник на бројни меѓународни награди и признанија ќе останат забележани настапите на повеќе континенти. Со својата неверојатна музикалност и впечатлив глас таа во континуитет достоинствено  го негуваше нематеријалното културно наследство -  изворната македонска народна песна.

Нина Стефанова

Веста е прочитана 2134 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.