Советник на Таравари не знаел дека е на листата

1 October, 2017 - 15:58

Кардиологот професор доктор Омер Џемаили кој работи во Швајцарија, бара да се тргне од листата на национални советници на Министерот за здравство, каде бил именуван на крајот од минатиот месец. За оваа функција вели тој, случајно дознал од медиумите. Тој преку писмено соопштение како што вели се дистанцира од советничкото место, со образложение дека поради професионалниот и приватниот живот, немал доволно време да ја врши оваа дополнителна работа. 

„Јас, му се заблагодарувам на Министерството за здравство за почитта што ја имале кон мене за да ме именуваат на оваа позиција, и за досегашната подршка, но, моето ангажирање во професијата и во академскиот  живот, но и приватниот, не ми овозможува уште едно дополнително ангажирање. Затоа, сакам јавно да се дистанцирам од оваа одлука од страна на Министерството за здравство, и со почит кон нив, барам моето име да се тргне од оваа листа на национални советници во Министерството за здравство. Јас, Проф Д-р, Омер Џемаили, како и досега, ке го продолжам моето професионално ангажирање во Македонија, помагајки со мојата хумана професија, и ке бидам во готовс, колку пати и да се побара од мене  и од мојата професија, или да помагам на Република Македонија не припремањето на новите кадри, за предизвиците што ги чека модерното здравство“, напиша професорот Џемаили.

Портпаролот на Министерствотото за здравство, Коста Петров, немаше коментар на прашањето зошто Д-р Џемаили бил именуван како национален советник, а воопшто не бил консултиран и прашан. 

„На проф.д-р Џемаили му посакуваме се најдобро во неговата кариера на интернационално ниво. Од него очекуваме во иднина, ако му дозволува времето, како врвен професионалец со неговата стручност и знаење да помогне во Македонското здравство“, рече Петров. 

Како национални советници на министерот за здравство, минатиот месец се најде и самиот министер Таравари, неврологот Мерита Исмаили Марку и државниот секретар на министерот за здравство Владимир Милошев. Марку требаше да го советува Министерот од областа на неврологијата а Милошев од областа на Максилофацијалата хирургија. 

Сите тројца си поднесоа оставки од новите функции по објавата во медиумите, дека постои судир на интереси со именувањето на овие лица за советници. 

Министерот за здравство Таравари, преку својата фејсбук страница, одговори дека немал информација дека бил ставен на листата на советници и побарал веднаш да биде остранет од истата. 

Зоран Димовски

Веста е прочитана 910 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.