Специјални закони за информатичарите да се задржат во земјава

26 September, 2017 - 19:59

Иако барани и добро платени и дома, младите информатичери бегаат во странство. ИКТ компаниите побараа од државата подобри закони, за да го задржат овој специфичен кадар.

„Во ИТ секторот работат млади луѓе излезени од факултет, ние веднаш ги вработуваме, ги обучуваме и по некоја година кога ќе ги добијат сите сертификати и кога ќе постигнат некој успех во кариерата, аплицираат во други држави и таму веднаш добиваат работа. Затоа е многу важно дас има специјална регулатива во ИТ секторот“, вели Пешева.

Министерката Царовска најави закони за практикантство и вработување студенти, но побараа и поголема отвореност на информатичките компании.

„Да утврдиме кои се можностите да бидете што поотворени кон вклучување практиканти во своите компании, со цел да ги подготвите, а би одела помалку со тоа да мора да го задржите тој кадар, бидејчи тој ќе си најде тогаш полесно работа во други компании“, рече Царовска.

Во пресрет на даночната реформа со која се најавува повисоко оданочување за платите над илјада евра, од ИКТ комората велат да се внимава, да не се демотивираат младите инженери.

„Она што е сега актуелно, акцент треба да се стави дека даночниот систем треба да биде поспецифично прецизиран околу примањата на ИТ инженерите кои не можете да ги задржите без 1.000 или 1.500 евра плата, а тој нема ниту стан, допрва создава семејство“, вели Пешева.

Од комората бараат и измени на Законот за работни односи, да се регулира инженерите да можат да работат и од дома, а не да се врзуваат со класично работно време.

„Денешната технологија во секторот на давање на интелектуални услуги овозможува да се работи во било кое време, на било кое место од планетата, што ги прави депласирани некои законски решенија во поглед на ограничување на работното време, регистрирање и слично“, рече Најденовски.

Дејвид Атбери, директор на мисијата на УСАИД во Македонија вели дека светските практики за стимулирање на овој кадар, покрај работа од дома, вклучуваат и бонуси, стажирања, како и флексибилно работно време.

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 5024 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.