Спротивставени мислење за даночната реформа

26 October, 2017 - 16:00

Идејата да се зголеми данокот на персонален доход е козметички обид да се постигне социјална рамнотежа. Според економскиот консултант Горан Рафајловски со ваквите даночни зголемувања не се полни дупката во буџетот и нема да се подобри даночната евазија, бидејќи во државната каса нема да влезат повеќе од 10 милиони евра.

Најавите за зголемување на данокот за персонален доход не треба да ги плашат граѓаните и стопанствениците, вели универзитетскиот професор Ванчо Узунов. Целта на даночните реформи според него е подобра наплата и правилна распределба на товарот за полнење на буџетот.

За влез на сериозни пари во буџетот според Рафајловски треба да се зголеми ДДВ-то, тоа нема сериозно да ги зголеми цените и вкупните трошоцил, но ќе донесе 130 милиони евра во државната каса, вели тој. Владата според него греши со ветувањето стапката на овој данок да остане на исто ниво.

Узунов пак го дели ставот на владата, дека за зголемување на стапката на ДДВ не треба да стане збор. Идејата на владата е да поттикне инвестиции и со намалување на ДДВ да им ја остави добивката на инвеститорите.

Даночните експерти вчера рекоа дека се гледаат контурите на новата даночна реформа. Според нив се разгледуваат две опции за зголемување на даноците но нивната примена не се очекува пред 2019 година. Истата година се очекува да започне и најавениот проект на владата за поврат на дел од ДДВ и тоа во неколку пилот општини.

Виилета З. Стојановска

Веста е прочитана 1427 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.