Средба Ципрас - Трамп во Вашингтон

17 October, 2017 - 21:32

Грчкиот премиер Алексис Ципрас е во посета на САД каде се сретна со американскиот претседател Доналд Трамп.

Високата билатерална посета, каде Ципрас ќе оствари средби со сите највисоките политички функционери, доаѓа во момент кога после локалните избори во Македонија се најавува забрзување на процесот на решавање на спорот за името.

Грчките медиуми и даваат големо значење на посетата, коментирајќи дека покрај другите теми како тензиите со Турција во егејското море и кипарската криза, Ципрас ќе бара поддршка за грчките позиции во спорот за името. Трамп изрази големо задоволство од посетата на Ципрас, и покрај тоа што во предизборието грчкиот премиер, неговиот евентуален избор го нарече „зло кое треба да се избегне“.

„Господине Премиер, задоволство е да ве имаме тука во САД. Ова е собата на кабинетот и многу добро познато место, многу нешта се случуваат тука и ќе продолжиме во нашите разговори со почит кон Грција и односо кој го имаме. Станува збор за вонсериски однос, за долгорочно пријателство“, истакна Трамп.

„Грција е столб на стабилноста во регионот. Не е само можеби најубавата земја во регионот, туку е и најстабилната земја во регионот. Се надеваме дека ќе ја зголемиме нашата соработка, затоа што имаме заеднички погледи и заеднички интереси“, додаде Ципрас.

Трамп додаде дека Грција за САД секогаш биле сојузник на кој Вашингтон може да се потпре и дека соработката и понатаму ќе остане силна. Ципрас инсистираше на позицијата на Атина како стабилизитор на еден доста проблематичен регион. На заедничката прес конференција не се спомена спорот за името.

Пратеникот на грчката опозициска партија Нова демократија, задолжен за надворешна политика, Јоргос Кумуцакос денеска изрази задоволство од подобрување на атмосферата со Македонија за решавање на спорот со името.

- Грција ќе стори се што е потребно за да се реши спорот, со кој ќе се отвори евроатлантската перспектива за Скопје, додаде Кумуцакос.

Тој очекува контактите на Ципрас во САД да придонесат со конкретни резултати за одредени прашања важни за Грција. Покрај средбата со Трамп, Ципрас ќе има одвоени средби и со американскиот потпретседатле Пенс, како и државниот секретар Тилерсон.

Кумуцакос додаде дека експертите на Нова демократија очекуваат премиерот да обезбеди позитивна позиција од САД, не само за спорот со Македонија, туку и за односите со Турција, кипарското прашање и други прашања од национален интерес на земјата.

Ивор Мицковски

Веста е прочитана 788 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.