Стечајната постапка за ФЕНИ останува кај Основниот суд во Велес

16 November, 2017 - 13:39

Основниот суд Велес останува надлежен за водење на стечајната постапка на ФЕНИ индустри АД Кавадарци.

Ваквата одлука вчера ја донесе Врховниот суд на Република Македонија откако го одби како неоснован  предлогот на ФЕНИ индустри за определување друг месно надлежен суд за водење стечајна постапка.

Не е важно кој ќе биде газда, важно е да работиме, изјави денеска претседателот на Синдикалната организација при комбинатот „Фени индустри” Ѓоре Палитов, откако Врховниот суд одлучи надлежноста  околу покренатата стечајна постапка да остане во судот во Велес.

Палитов информираше дека по сите постапки, најверојатно  ќе се одреди пак ново рочиште наредната недела. 

- Нас ни е битно што поскоро да се заврши сета оваа агонија за работниците. Ние правевме напори банките да ги разгледаат сите понуди за да се заврши работата, имаме ветување дека за брзо време ќе се знае судбината, нагласи Палитов. 

Тој додаде дека сепак се отворени сите опции па и таа за протест, доколку одлуките што ќе се носат не бидат во корист на работниците.

Веста е прочитана 399 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.