Судот нареди апсење на сопственикот на „Агрокор“

19 October, 2017 - 09:15

Судот во Загреб одреди мерка притвор на сопственикот на “Агрокор” Ивица Тодориќ, додека други 12 осомничени за скандалот околу компанијата доцна синоќа беа ослободени.
Тодориќ не се појави на суд, туку преку своите претставници објави дека ќе пристигне во Хрватска од странство оваа недела. И неговите синови, Иван и Анте, исто така, не се појавија на сослушувањето. Се претпоставува дека целото семејство е во Велика Британија. Тодориќ има рок од три дена да се јави во хрватскиот затвор Реметинец.  
Судот заклучил дека бизнисменот треба да биде притворен врз основа на опасноста од попречување на судењето и загрозување на сведоците. Сите осомничени се теретат за повеќе казнени дела против државата, односно злоупотреба на службената положба, лажирање на дозволи и незаконско водење на деловни книги. Ивица Тодориќ е обвинет за стекнување на противправна имотна корист во вредност од повеќе од милијарда куни, како и дека со лажните финансиски извештаи на Агрокор, кои со години биле прикривани од властите, финансиската положба на компанијата ја прикажувал поуспешна од вистинскиот резултат. 

 

Веста е прочитана 1209 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.