Светска банка ни предвидува раст од само 1,5 отсто годинава, политичките превирања ја изедоа економијата

20 October, 2017 - 18:11

Она на што предупредуваа домашните ексономисти, сега се потврдува и во извештаите на меѓународните организации. Светска банка ја намали прогнозата за раст на македонската економија на 1,5 отсто за оваа година, од претходните предвидувања од 2,8 проценти. Експертите велат – политичките превирања ја изедоа на економски план 2017 година, но тврдат дека има простор за оптимизам за наредниот период. 

„Прогнозата на Светска банка е многу реална, дури и од наш агол може да е и малку пооптимистичка. Првите 6 месеци завршија со нула раст, значи во наредните растот треба да е од 3 до над 3 отсто, што е малку тешка задача, имајќи предвид дека и во третиот квартал не видовме некои значајни поместувања. Сега во наредниот период има причини за оптимизам“, вели Никола Поповски.

„Постои консензус и кај домашните експерти и кај меѓународните институции дека за ова намалување на стапката на раст е виновна политичката неизвесност кој постоеше до моментот на формирањето на новата Влада, но позитивно е што тоа сега се разрешува, се забележува и зголемување на кредитирањето кај компаниите“, вели Петрески.

За 2018 светските банкари очекуваат раст од 3,2 отсто и 3,9 пропценти во 2019-та. Во извештајот Миграција и мобилност, велат дека причина за надолната корекција била политичката нестабилност во првата половина од годината, а како главни двигатели на растот ги смета потрошувачката, придвижена од зголеменото вработување и инвестициите.

Локалните избори на кои владејачката коалиција освои убедлива победа ќе ја зацврстат политичката стабилност, велат експертите, тоа ќе и даде ветер во грб на Владата сега да и се посвети на економијата. Таа излезе со сериозен пакет на економски мерки кои сега на мир ќе може да ги спроведува. За експертите, во наредните години, не е невозможна и стапка на раст од 5 отсто.

„Политичките превирања се далеку зад Македонија, последните локални избори многу ја зацврстија владејачката коалиција, таа сега ќе има 3 години без избори, освен претседателските, да си ја реализира својата економска програма“, вели Поповски.

„Под претпоставка на политичка извесност, веројатно е дека економијата ќе закрепне, колку ќе можеме да остваруваме стапки на раст, дури и во рангот на оние што ги заговараме од 5 отсто, ќе зависи од амбициозноста на економската програма на Владата, но и од случувањата во европската економија, кои сега се позитивни“, вели Петрески.

Светска банка очекува годинава буџетски дефицит до 3 отсто од БДП, и негово намалување до 2,2 проценти до 2019.

За земјите од Западен Балкан, СБ предвидуваат за годинава во просек раст од 2,8 отсто, највисок раст се очекува од Црна Гора и од Косово, по  4,2 проценти. 

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 627 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.