Талески обвинет за негрижа за Офицерскиот дом

8 November, 2017 - 21:40

Додека битолчани очекуваат новата локална власт да ги испoлни ветувањата дадени во предизборитето, да се врати стариот сјај на Офицерскиот дом во Битола, поранешниот градоначалник Владимир Талески, го очекува судски процес за негрижа за овој архитектонски бисер на битолски Широк Сокак. Основното јавно обвинителство од Битола, поднесе обвиниени против Талески за кривично дело „несовесно работење во службата“, затоа што во периодот додека бил градоначалник не презел се што е потребно за заштита на објектот. Офицерскиот дом, иако е споменик на културата, денес е претворен во руина.

-Ова е благодет за Битола, да биде обновен и да му служи на битолчани како еден културен центар за културните настани во Битола. И воопшто за убавнината на градот потребно е да се среди ова место, да се направи, рече битолчанец.

-Овој објект е лицето на нашиот град, тоа енашата востина за овој град. Ако сакаме да ја имаме Битола, треба да мислиме на овој објект, изјави граѓанин.

-Треба да се направи како што беше, со иста намена како што беше во поранешниот перидо, вели друг битолчанец.

Објектот е стар повеќе од 100 години, започнал да се гради во  1911 година во време кога  управител на битолскиот вилает бил Абдул керим Паша, како палата за свечени приеми, забава и одмор. Потоа беше сопственост на армијата, а во  поново време, неколкупати се менуваше надлежноста од локално на централно ниво, но Офицерскиот дом и натаму пропаѓаше. Битолчани жестоко се спротиставија на одлуката на Владата во 2015 година, објектот да се продаде за околу милион евра, по што државата го врати во надлежност на општината. Но, објектот и натаму остана незаштитен, па често е цел на вандали. Искршени се  вратите  и прозорците, паркетот откорнат, целосно е уништена внатрешноста, а во  април 2016 година од таванот падна и големиот кристален лустер, но не се знае дали  попуштиле ремените на кој се држеше или несовесни граѓани намерно ги оштетиле.

-Секоја ноќ овдека има млади кои пијат и кршат, велат граѓаните.

-Толку години е запустено. Се вложуваа пари во проекто Скопје 2014 години. Со парите за еден споменик можеше да се направи Офицерскиот дом, кој е најубавиот објект на Блаканот и штета што е испутено, велат битолчани.

Талески е единствениот обвинет за негрижата на Офицерскиот дом. Судскиот процес требаше да започне вчера, но на барање на одбраната, главниот претрес е  одложен, потврдија за Телма од Основниот суд во Битола.

„Рочиште за главната расправа е одложено бидејќи адвокатот  достави писмен поднесок и полномошно со кое го информира судот дека е бранител на обвинетитот Владимир Талески и побара рок за подготвување на одбарана и увид во списите на предметот “, пишува во дописот на Основниот суд – Битола.

Почетокот на главниот претрес е презакажан за 20 декември. За кривичното дело „несовесно работење во службата“ за кое е обвинет Талески од јавно обвинителство, предвидена е  казна затвор од 3 месеци до три години.

Емилија Мисирлиевска

 

Веста е прочитана 2134 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.