Технома се пресели во спортска сала, по 60 години Скопје моментално е без Саем

25 October, 2017 - 18:37

По повеќе од 60 години традиција, наместо во саемските хали, саемската манифестација Технома денеска се отвори во спортската сала Борис Трајковски. Останува ли метрополата без сопствен саем, е прашање кое се поставува откако поранешниот сопственик на Скопски Саем, Групацијата Ера од Велење, го изгуби имотот поради неплатени кредити кај две банки од земјава, а тие го продадоа на албанската компанија Балфин груп?

Од Скопски Саем тврдат дека спортската сала за Технома е привремено решение, а саемски манифестации во Макеоднија и натаму ќе се организираат. Скопски Саем од јули има нов сопственик, бугарската Кардфајнанс, за која велат дека е сериозна и солвентна компанија, а за локацијата каде ќе се одржуваат саемите, набргу ќе информираат. Велат дека Скопски Саем го задржува брендот и бизнисот, само објектите и земјиштето не повеќе нивни.

„Групацијата Скопски саем е далеку од шпекулациите дека е пред банкротство, таа има целосна финансиска и логистичка поддршка од новиот сопственик. Околу имотот на Беласица број 2, тоа е во рамки на стратешкиот план на новиот сопственик во односите со банките. Најбитно е што Скопски саем ќе продолжи со саемски активности. Ние сме специјализиран економски оператор во делот мна саемските активности во изминатите над 60 години. Набргу ќе излеземе со деловен план каде ќе се лоцира Скопски саем во наредните години“, рече Кошутиќ.

Вицепремиерот Анѓушев вели дека прашањето за саемот требало да се постави одамна, кога тој се приватизирал, а Владата не може да се меша во релации меѓу приватни компании. Скопски саем беше приватизиран во 2001 година, а тогаш го купи групацијата Ера од Велење.

„Скопски Саем е приватизиран одамна, не можеме приватизациите да ги вратиме назад. Владата нема ни капацитет, ниту позиција од која може да се меша, ако од нас како Влада се побара нова локација, ние со цел капацитет ќе најдеме начин како да соработуваме со локалните самоуправиу и да се најде локација“, рече Анѓушев.

Корпорацијата од Албанија, Балфин груп, пак, која беше сопственик на „Сити мол“, објави дека купила 155.000 квадратни метри земјиште на раскрсницата на улицата „Беласица“ и булеварот „Александар Македонски“, каде се наоѓа Скопски саем. Од таму велат дека станува збор за почетна инвестиција од 180 милиони евра, а во следните 5 до 7 години таа би пораснала до 300 милиони евра, со изградбата на гигантски трговски центар и станбени и деловни згради. Некои неофицијални информации говорат дека најверојатно Балфин ја купила и парцелата на Скопски саем.

Вицепремиерот Анѓушев вели дека новите сопственици на имотот и земјиштето на Скопски саем со него не разговарале и не знае што таму ќе градат, но вели дека тоа треба да го направат во согласност со урбанистичките планови, кои се во надлежност на локалните самоуправи. Кај новите газди на имотот на Саем новинарите ги упати и Кошутиќ, таму да прашаат дали Саемот ќе се урива и што ќе се гради на таа локација.

На Скопски саем се одржуваа по 13 саемски манифестации годишно, а компанијата брои 33 вработени.

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 3743 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.