Трамп нема да ги повлече САД од иранскиот нуклеарен договор туку ќе бара негова измена

13 October, 2017 - 15:25

САД ќе заземат поцврст став кон Иран, судејќи според новата стратегија на претседателот Доналд Трамп за исламската република која ја објави Белата куќа. Се очекуваше Трамп да објави дека ги повлекува САД од иранскиот нуклеарен договор, но според последните најави од Белата куќа, тој ќе го задржи договорот, но ќе настојува на негово поригорозно спроведување и ќе побара поголемо ограничување на операциите на иранската Исламска гарда. Иранскиот нуклеарен договор, постигнат од Обама беше постојано критикуван од страна на Трамп кој во текот на кампањата го нарече „најлошиот постигнат договор“ и се закани дека штом ќе влезе во Белата куќа ќе го искине.

„Тоа е многу лош договор. Не велам ништо што го немам кажано претходните две години. Тоа е страшен, страшен срам за нашата држава и го направивме од слабост, кога всушност ја имавме силата“, изјави Трамп пред два дена.

Според извори од Белата куќа, Трамп нема да го потврди договорот, туку ќе побара од Конгресот да наметне нови, построги услови за Техеран во замена за постепеното укинување на санкциите. Американскиот претседател беше под силен притисок, како од внатре во неговата администрација и Конгресот, така и од надвор, од каде сите страни кои учествуваа во преговорите побараа да не се повлекува од договорот. Дури и неговите најгласни критичари стравуваат дека таквата одлука ќе ги изолира САД и ќе го поткопа нивниот меѓународен кредибилитет.

„Иако има недостатоци, сепак верувам дека треба целосно да го спроведеме. Да соработуваме со сојузниците за меѓународните инспектори да имаат подобар пристап до можните нуклеарни локации. И ќе треба да се осврнеме на основните недостатоци кои ни беа посочени од сојузниците“, вели претседателот на Комитетот за надворешни работи, Ед Ројс.

Објавената нова стратегија за Иран содржи три клучни цели: корекција на нуклеарниот договор со што ќе биде отежнато производството на оружје на Иран, неутрализирање на програмата за балистички ракети и спротиставување на иранските акции, кои според Вашингтон придонесуваат за нестабилност на Блискиот Исток. Во документот Вашингтон го обвини Техеран дека прикажува вознемирувачки модел на однесување во настојувањето да ги искористи пропустите во договорот и постојаното тестирање на решителноста на меѓународната заедница.

Игор Трајков

Веста е прочитана 389 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.