Тројца судии од Кривичен повикани пред Советот за утврдување на факти

6 November, 2017 - 21:48

На 10-от ден откако Апелација им определи притвор, Врховниот суд ја одби жалбата на поранешниот началник на петтата управа во МРВ, Горан Грујeвски, и на неговиот соработник Никола Бошковски и го потврди притворот. Полициските алфи тропнуваат кај нив на врата да ги спроведат во Шутка, но не ги наоѓаат дома.

Во периодот меѓу двете одлуки се подготвувала бегалската акција. Како што објави Код, два дена по одлуката на Апелација за притвор, Горан Грујeвски ја напушта Македонија, но не со својот пасош, туку со друг, исто така издаден од МВР, но со украден идентитет на колега од Велес, Владимир Варелов. Со него стасува до Бугарија каде го чекаат двата фалсификувани пасоши на име Христо Атанасов и Неџби Хасан, идентитети под кои подоцна го реализираат бегството.

Во Македонија се бараат одговори кој и зошто дозволи да избегаат двајцата обвинети кои се смета дека ги имаат сите одговори за масовното прислушкување. Здружението „Зелена Лупа“ на 10 август поднесува кривични пријави против  11 судии од Основниот до Врховниот суд низ чии раце помина притворот за бегалците од правдата, но и претставки за утврдување на одговорност на овие судии кај Советот за утврдување на факти, кој во септември ја започна постапката, а во наредните 10 -тина дена планираат и да ја завршат.

Перидов се повикани судиите лично во Советот да ги кажат своите аргументи и образложенија наспроти тврдењата дека со одлуките што ги носеле им овозможиле Грујевски и Бошковски да избегаат. Први во среда се повикани тројцата судии од Кривичен.

Претседателот на Советот за факти, Сашо Поцевски потврди дека Основните и Апелационите судии ги подигнале поканите испратени преку препорачана пошта, но не и од Врховниот суд за кој советот и претходно се жалеше дека наидува на затворени врати.  Претседателот на Врховен, Јово Вангеловски заработи кривична пријава од Советот затоа што во септември не им дозволи увид во предметот „Тврдина - Таргет“, но Скопското обвинителство деновиве ја отфрлило пријавата за несовесно работење, потврдија за Телма од Обвинителството.

Доколку  судиите не се појават во планираните термини, членовите на Советот за факти, ќе ги читаат нивините писмени изјави, кои ги доставиле претходно и во кои даваат одговор на претставката против нив, а потоа ќе одлучат дали ќе ја сопрат постапка или ке оди на утврдување одговорност кај Судскиот совет, објаснуваат од Советот.

Според препораките на Прибе и Венецијанската комисија се подготвува закон со кој ќе се укине ова тело составено од пензионирани правници кое испитува дисциплинска одговорност кај судиите. Со укинувањето на овој совет неговите ингеренции се враќаат повторно во судскиот совет.

Елена Ивановска Мукоска

Веста е прочитана 2434 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.