Турција се враќа на Балканот, овој пат преку Србија

11 October, 2017 - 21:32

Турција се враќа на Балканот, овој пат преку Србија. Реџеп Таип Ердоган е во дводневна посета на Србија. Вчера се шеташе низ Белград, а денес заедно со српскиот претседател Вучиќ, го посетија Санџак и Нови Пазар каде од претежно муслимнаската популација беа пречекани со овации.

Вучиќ ја искористи посетата на Ердоган да се пофали за инвестициите во сите региони на Србија, како и да нагласи дека работи за граѓаните на Србија без оглед на верската припадност.

„Знам јас дека тука нема да бидам поздравен ниту половина срдечно од тоа како што е поздравен Реџеп Таип Ердоган, но имам доволно храброст и чиста совест, да излезам пред вас и да ви кажам дека сум работел и дека работам најдобро што можам во ваш интерес, во интерес на секој граѓанин на Србија, без оглед на верата и нацијата и дека така и ќе продолжам“, истакна Вучиќ.

Ердоган, пречекан како вистински домаќин во овој дел од Србија, порача дека двете земји ќе го чуваат своето пријателство, нарекувајќи го Санџак како свој роден град, мост кој ги поврзува и кој влијае на билатералните односи.

„Срби, Хрвати, Бошњаци и сите останати, ве гледаме како пријатели со кои сме живееле со векови и со кои ќе соработуваме на разни теми во иднина“, кажа Ердоган.

Културно влијание и бизнис, Ердоган во Србија пристигна со 10 министри и 185 бизнисмени. Турскиот ангажман на Балканот е со намера да расте, имајќи во предвид дека турскиот претседател ужива голема полуларност кај турската популација и муслиманите кои тежнеат кон исламските корени.  Балканот воедно е единствен регион каде политичкиот пристап на неотоманизмот „нула проблеми со соседите“ е спроведен во пракса. Воедно во недостаток од материјализирање на евроатлатските амбиции на Македонија, Србија, Босна, и Косово, Турција со години наоѓа плодна почна за свое зајакното политичко и културно влијание.

„За луѓето од овие краишта ова значи многу и говори за некаква посветла иднина за овој регион“.

„Ова е еден историски настан за Нови Пазар затоа што ни доаѓа претседателот на Турција. Јас верувам дека ова е од голема корист и за Србија и за Нови Пазар“.

Србија е држава каде предрасудите кон отоманското време се можеби најсилни од сите држави во регионот, но сега и двете земји сакаат да ги намалат историските тензии, како и турбулетните односи по прогласувањето на Косовската независност. Турција беше втора земја која ја призна Приштина. Но, од 2015 година Србија и Турција потпишуваат стратегиско партнерство кое е во интерес на двете земји, или барем во интерес на нивните лидери. Ердоган делува смирувачки и кохезивно кај муслиманската популација, додека на Вучиќ му се ветува клучната партнерска позиција од турскиот кам-бек на регионот.

Прагматизмот се огледува и во бизнисот. Турција веќе инвестираше во Србија во две фабрики преку текстилната и автомобилската индустрија, а Вучиќ најави отворање на уште две нови фабрики. Тоа што Србија особено го цени е турското инвестирање во најсиромашните делови од земјата.  

Турските серии широко распространети низ Балканот се повеќе се гледаат и во Србија, а авторитарните методи на владеење на Ердоган, не само што не предизвикуваат некаква осуда, туку и честопати се имитираат од страна на балканските политичари.

Ивор Мицковски

Веста е прочитана 4488 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.