Творештвото на Манчевски претставено во Кина

6 July, 2017 - 11:27

Во рамките на јубилејното 20. издание на Филмскиот фестивал во Шангај, беа прикажани сите филмови на Милчо Манчевски. Ова е прва ретроспектива на македонски уметник во Азија. Тој беше и во жирито за главната награда на фестивалот. Манчевски одржа и мастерклас при Универзитетот во Шангај, беше отворена и изложба на фотографии од режисерот, а беше промовирана и негова книга што е издадена во Кина. На крајот од фестивалот, Манчевски, заедно со французинката актерка Изабел Ипер, во улога на презентери, на сцената ја објавија и главната филмска награда. Престојот на Манчевски наишол на големо медиумското внимание во Шангај. Имало огромен интерес за неговите филмови, кои се прикажаа со по три проекции и биле распродадени. Исто се случи и со влезниците за мастеркласот под наслов „Збор, слика и време“, во Кинескиот музеј на уметноста. Филмовите на Манчевски се предаваат на универзитеттите во Пекинг, Шангај и Чонкинг. На проекциите и мастеркласот присуствувале најмногу студенти и од други градови во Кина, кои кажуваа дека нивните професори постојано им го прикажувале „Пред дождот“ и преку овој филм ги учеле за филмска структура. 

Настрана црвените ќилими, сега за првпат легално се прикажуваа моите филмови во Кина, вели Манчевски. И покрај тоа, тие и’ се прилично добро познати на кинеската публика, особено на академските кругови, затоа што нашироко се предаваат на универзитетите низ Кина. Досега ги гледале како пиратски изданија, оти званично не се увезени (иако играа во комшии – во Тајван, Хонг Конг, Јапонија, Јужна Кореја...). Низ годините бројни рецензии и есеи се објавувани, а филмовите се предаваат и на филмските академии во Кина, како пример за наративна структура. 

 

С.Т.

Веста е прочитана 639 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.