Украдените пари од Тутунска изнесени кон Србија, нема информација дали се пронајдени

19 April, 2017 - 16:24

Братот, пријателот и колешка на осомничениот за грабежот во Тутунска банка му помагале во крадењето се сомнева обвинителството. Тоа ја прошири истрагата и сега за помагање ги сомничи 43 годишниот Г.С кој е брат на трезористот, негов пријател 38 годишниот Б.М но и 24 годишната Е.П која е банкарски комерцијалист во Тутунска. Според истрагата парите се изнесени од земјава со Фолцваген голф на преминот Табановце. Го возел пријателот на трезористот кој околу 14 часот ја напуштил земјава и заминал кон Србија. Полицијата сепак вчера успеала да го фати но не открива дали се пронајдени парите.

Инаку според истрагата тројцата осомничени, трезористот, неговиот брат и шалтерската работничка во неколку наврати успеале или да сокријат дека се исчезнати пари или пак да ги извлечат од трезорот незабележани од останатите. 

Според полицијата на 4 април околу 17 часот трезористот се информирал на шалтер од вработената за курсот на еврата и швајцарските франци. И кажал дека се работи за негов пријател кој сака да конвертира пари. После половина час пристигнал неговиот брат и со лична карта и дал на комерцијалистката 95.000 евра за преку трансакциска сметка да ги смени во франци. Трезористот и кажал дека тој ќе ги земе парите од трезорот без да ги пушти по воздушна цевка како што е процедурата. Таа ги задржала 95.000 евра во благајната, а откако и завршила смената заради обезбедените банкарски исправи, уредно попишани дека извршила конверзија, немала кусок на благајната, ниту пак имала вишок парични средства, пишува во соопштението на полицијата.

Според снимките од видео надзорот полицијата утврдила дека додека Г.С е на шалтерот на банката и се врши наводната конверзија, од трезорот не се изнесуваат 100.000 швајцарски франци ниту пак му се дадени на братот на трезористот. Според полицијата на овој начин е прикриен кусокот од 100.000 швајцарски франци во трезорот кој претходно успеал да ги украде трезористот од авионската пратка на пари. На седми април повторно на смена била истата шалтерска работничка. Трезористот преку системот за достава од трезорот примил парични средства во апоени од по 500 и 100 евра, а вкупно 375.000 евра. Без да подготви било каков банкарски документ на рака му ги предала на трезористот.  

На 10 април се случил третиот и најголем грабеж кога трезористот во украсна ќеса ставил 2.000.000 швајцарски франци и 270.000 евра. Му ги предал на брат му а тој пак на пријателот кој избегал со парите надвор од земјава. Полицијата се уште не знае како се украдени уште 300.000 швајцарски франци кои недостигаат во целата приказна. Во меѓувреме трезористот се уште е во притвор а ваква мерка му се заканува и на неговиот пријател кој е изнесен пред суд. Сите се соочуваат со дело затајување или помагање во затајување.

Билјана Николовска

Веста е прочитана 7924 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.