УНИТ ќе бара измени во законот за стечајци

26 September, 2017 - 16:42

Здружението на стечајни работници УНИТ ќе бара измени во новиот закон за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизацијата кој беше донесен на 20 септември. Законот не опфаќа околу 500  луѓе на државно ниво кои со транзицијата останаа без работа.

Во агенциите за вработување досега се поднесени 816 барања за исплата на надоместок и тоа најмногу во Велес, Скопје и Куманово, но не е донесено ниту едно решение. Рокот за поднесување на електронска апликација е една година а првата исплата според најавите се очекува веќе следниот месец. Доколку стечајниот работник не може електронски да го поднесе барањето тоа треба да се стори во архивата на центрите за вработување

Со законот за стечајни работници се очекува 3500 луѓе да добиваат месечен надоместок во висина од 34 % од просечната плата од минатата година или 7596 денари. Надоместок може да добијат невработени лица на возраст од најмалку 52 години за жени и 55 год за мажи со најмалку 15 години стаж во претпријатија со доминанта државна сопстевност на кои работниот однос им престанал по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок заклучно со 30 јуни годинава.

Бројките покажуваат дека во Македонија се отворени околу 1800  стечајни постапки. Според експертите голем дел од нив не се решаваат со години поради легислативата и имотно правни проблеми, неефикасните институции но и поради грешки на стечајните управници кои немаат доволно практично знаење како да ја спасат фирмата па тие најчесто завршуваат како губитнички приказни.

Виолета З Стојановска

Веста е прочитана 1509 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.