Весела математика во екологијата

7 November, 2017 - 21:48

Можат да помирисаат, но не и да го измерат аерозагадувањето. Носот е главниот мерен инструмент на државните инспектори кои треба да ги уловат и казнат загадувачите. Немаат инструменти за работа, а уште помалку каде да ги вршат анализите. Инспекторатот за животна средина не располага со лабораторија, а таа во Министерството не е акредитирана.

Дискутабилен е и бројот на испектори. 14 се задолжени за контрола на ниво на цела држава.  Во Скопје се само тројца на број, од кои двајца пред пензионирање. Со надминувањето на дозволените концентрации на опасните ПМ честички во воздухот, на површина испливаа речиси сите проблеми на инспекторатот. Ако граѓаните се гушат во смог, Државниот инспекторат за животна средина се гуши во долгови. До вчера имал блокирана сметка. Една од небулозите е тоа што пари нема за гориво и оддржување на возилата со кои инспекторите одат на терен, а плаќа околу 700тини евра месечно за интернет.

Ова е мерната станица во Центар, општината која заедно со Карпош деновиве исплива на врвот по надминување на концентрациите на ПМ честичките. Советниците за нејзино оддржување предупредуваат дека јавноста и медиумите  погрешно ги читаат и толкуваат податоците. Загадување има, но пиковите не треба да се земаат како средно дневна вредност.

Она што сите го нотираат во последно време, денеска го слушнавме и од инспекторатот за животна средина. Загадувачи има повеќе, домаќинствата не се помалото зло. За загревање согоруваат пластика и други штетни материјали. Најкритично е во котлините, особено во вакви услови на таканаречени температурни инверзии, кога нема никакво проветрување.

Се нижат пријавите од граѓаните, има сериозни надминувања на концентрацијата на ПМ честичките, а малку казни. Но, од инспекторатот уверуваат дека контролите ќе се интензивираат, резултати ќе има наредниот период. Размислуваат и за воведување сос линија и ноќни дежурства. Во меѓувреме кај граѓаните најпопуларни странаа интернет – апликациите за состојбата со аерозагадувањето. Во очекување на реакција од надлежните, моменталните резулати ги споделуваат на социјалните мрежи. Но, до овој момент единствено градот Скопје излезе со препораки. Конкретни решенија не понуди, но од граѓаните побара поразумно користење на автомобилите и одложување на обврските кои не им се итни, а од институциите побара да ги зајакнат контролите.

Весна Дојчиновска Јовановска

Веста е прочитана 1774 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.